Иницијатива за данокот на средствата за лична хигиена да се намали од 18 на 5%

Сподели

 

Деведесет отсто од ученичките во руралните средини, по четири до пет дена во месецот не одат на училиште во деновите кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини отсуствуваат од настава два до три дена во месецот заради истите причини. Ова е така заради тоа што во училиштата нема услови за одржување на менструалното здравје, а причина е и високата цена на средствата за хигиена.

Со оглед на тоа дека ова е важна тема која треба системски да се реши, поразговаравме со доктори од Институтот за јавно здравје за тоа каква е хигиената и какви се условите во училиштните тоалети низ државата. Прашавме и во Министерството за финансии дали планираат да го намалат данокот на средствата за хигиена, за да бидат подостапни за граѓаните, посебно со оглед на фактот дека има девојчиња кои користат весници во време на цикус, зашто не се во можност да купуваат влошки. Разговаравме и со претставници од организацијата „Новинари за човекови права“, кои со поддршка на амбасадата на Велика Британија го реализираат проектот за менструално здравје во земјава.

Од Министерството за финансии не ни одговорија дали планираат да го намалат данокот на средствата за лична хигиена, за тие да бидат подостапни, посебно за лицата од социјално загрозени семејства кои не можат да си купат влошки. Неофицијално, велат дека ако се намалел данокот, цената на најевтините влошки ќе се намалела за 5-6 денари, што според нив, е незначително ослеснување за семејствата, па дури и за социјално загрозените семејства. Впечатокот кој се добива е дека не размислуваат да го намалат данокот, но кога би им било наложено од ЕУ да ја спроведат оваа мерка, веројатно тогаш поинаку ќе гледаат на важноста на овој проблем.

Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“, вели дека ова е проблематика која не можат граѓанските организации да ја решат, туку потребно е системско решавање.

– Ова треба да го решат државата и локалните власти. Адаптирањето на тоалетите ние го започнавме, кажавме кои се стандардите и што треба да се направи, па сега она што е потребно е и на националоно и на локално ниво, да се започне со адаптирање на тоалетите во државата, односно адаптирање на минимум еден тоалет во секое училиште. Со тоа ќе дадат придонес во обезбедувањето пристап на секое девојче. Девојчињата треба да имаат пристап до средствата за управување со менструалното здравје – влошките. Истражувањето покажува дека тие немаат пристап. Во социјално загрозените семејства со повеќе женски членови кои се во активен репродуктивен период, а имаат само едно минимално примање во семејството, 15 до 17 отсто од париите треба да ги дадат за влошки. Тие одлучуваат да купат леб и млеко со парите за да можат да преживеат, одошто да кууваат влошки – објаснува Доковска.

Организацијата, додава таа, следејќи ги трендовите во Европа, иницира намалување на данокот на средствата за лична хигиена од 18 на 5 отсто, со тоа што ова се пари за управување со основни човекови потреби и не е луксузна роба.

Д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, вели дека потребна е политичка волја да се реши овбој проблем и да се овозможи да функционира. Низ годините, состојбата со хигиената во училишните тоалети се подобрува, а исто така солидна е и состојбата со питка вода во училиштата. Менструалното здравје, вели Кочубовски, е многу важно да биде третирано како приоритет од страна на властите.

– Има иницијатива за намалување на данокот на средствата за лична хигиена.  Тоа е луксузна стока, која треба да стане нелуксузна хигиенска стока бидејќи е секојдневна потреба на жените и девојчињата. Ако се намали цената, потоа би можеле да се обидеме да лобираме во парламентот да се овозможи со закон да биде задолжително да дели во училиштата. На тоалетите им е потребна адаптација. Во самиот женски тоалет, во кабината треба да има чешма за да можат девојчињата да се измијат со топла вода, треба да има сапун и треба да има две корпи за отпадоци. Едната за обична хартија, а другата само за искористените средства за одржување лична хигиена. Тоа е сè што треба да се направи за да се одржува менструална хигиена – вели Кочубовски.

Сепак, со оглед на тоа дека за ова да функционира вака потребни се пари, тој додава дека најдобро е кога сето ова законски би се решило.

– Локалната самоуправа е надлежна за училиштата бидејќи општините се нивни основачи. Децата во училиштата мора редовно да имаат средства за одржување хигиена и менструално здравје. Тие не се болни, но ако не се одржува соодветно менструалната хигиена, може да дојде до болест. Заради несоодветно одржување на хигиената, девојчињата по 4-5 дена отсуствуваат од настава во текот на месецот. Треба да им се обезбеди дигнитет, да им се обезбедат услови за хигиена. Така и ќе нема отсуства од настава непотребно – смета Кочубовски.

Влошките сега се скапи, финансиските импликации се секогаш проблем, па затоа мора да се намали данокот, додава тој.

– Ако се намали данокот, финансиските импликации ќе бидат многу помали во однос на одржливото продолжување на меркава, која е јавно-здравствена. Кога на секое училиште ќе делите по еден контингент на средства за оджување лична хигиена, кога ќе се намали цената за одредена сума, секако ќе бидат помали финансиските импликации. Ако се има добра волја политичка, сето ова може да функционира. Ќе се направи проценка колку училишта има, колку тоалети има што треба да се адаптираат – вели Кочубовски.

Инаку две училишта во Тетово и во Ресен, веќе добија адаптирани тоалети за одржување менструално здравје. Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски за вели дека го поддржува проектот за одржување менструална хигиена.

– Се работи за обнова на самите тоалети, за што и ние и како општина се залагаме. Ова е иницијатива која ја крева свеста на едно повисоко ниво кога станува збор за оваа тема. Јас сум лекар, па многу добро знам што значи одржување добра хигиена во јавните училишта, вклучително и менструална хигиена – вели Гошаревски.

Инаку интенција на земјите членки на Европската Унија е да се намалат или укинат даноците за тампоните и влошките. Во Шпанија и во Франција се веќе намалени, како и во Германија. Санитарните производи се бесплатни во училиштата во Велика Британија. Во скандинавските држави со години наназад средствата за лична хигиена вклучително и оние за одржување на менструалното здравје, се дел од училиштните тоалети.

Стигмата и табуата околу менструалниот циклус директно се одразуваат врз дигнитетот, самодовербата и самопочитта на ученичките. Во многу држави низ светот не се зборува отворено за ова. Девојчињата никогаш претходно не чуле за менструален циклус пред да се соочат со него, правејќи од него страшно и збунувачко искуство. Ова е реалност за неверојатни 68 отсто од девојчињата во Гана кои немаат поим што е тоа.

meta.mk