Со Законот за Јавно обвинителство креираме независен обвинителски систем преку кој овозможуваме судска завршница на сите предмети покренати од СЈО кои се во судска постапка, но се создадени услови да продолжат и случаи кои се во фаза на истрага.
Во тие случаи како осомничени се главно функционери на ВМРО ДПМНЕ. Во досието „Моќник“ осомничен е Антонијо Милошоски, во предметот „Актор“ за одговорни се сметаат Никола Груевски и Миле Јанакиевски. Во „Империја“ се осомничени Орце Камчев и Сашо Мијалков, во „Друмарина“ е Силвана Бонева, а во досието „Пациент“ со Бујар Османи, како и други случаи кои имаат шанса да завршат со обвинителни акти и судски пресуди.
Сега е појасно зошто ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше на законот и зошто беше во мисија да го заштити својот и криминалот на Никола Груевски. Извршителот Христијан Мицковски не успеа во намерата да ја загрози правдата и правната држава.
СДСМ ги обезбеди сите услови за брза и ефикасна завршница, и на судските постапки и на започнатите истраги. Сега на ред е правосудниот систем кој мора да заборави на 11 годишната режимска пракса кога функционираше под закани, нарачани притвори и телефонски пресуди.
Ние, како одговорна власт јавно им укажуваме дека никогаш, за ниту еден предмет нема да им се јавиме и да им сугерираме да судат спротивно на доказите. Ги охрабруваме да ги спроведат сите закони кои се донесоа во изминатите две години, а кои значат реформа во правосудството.
СДСМ создаде законски услови да завладее правдата и правната држава, затоа сега редно е ослободените обвинители и судии според словото на законот и според материјалните докази да ги забрзаат сите започнати постапки – стои во соопштението на СДСМ.