Недела на европски филмови во КИНОТЕКА

Сподели

 

 

КИНОТЕКА 2, 3.март во 18 часот и 4.март во 20 часот 

СВИРКАЧИ – (La Gomera / The Whistlers)
Игран филм, Франција, Романија, Германија, Шведска, 2019, 107 мин., колор, ДЦП
Режија: Корнелиу Порумбоју (Corneliu Porumboiu)
Сценарио:
Улоги: Влад Иванов, Катринел Марлон, Родика Лазар, Сабин Тамбреа, Агусти Виљаронга (Vlad Ivanov, Catrinel Marlon, Rodica Lazar, Sabin Tambrea, Agustí Villaronga)

Кристи е полициски инспектор во Букурешт и игра за двете страни на законот. Кога убавата Гилда ќе го вовлече во ризичен грабеж, двајцата мораат да тргнат по патот на лаги и предавства.
Кристи во Романија е под полициски надзор, а со користење на тајниот јазик ќе продолжи да комуницира со мафијашите за да го извади Жолт од затворот. Жолт е единствениот кој знае каде се скриени 30 милиони евра.
За да успеат и да преживеат, мораат да го научат тајниот јазик на свиркачите на шпанскиот остров Ла Гомера на Канарските Острови.
Минатата година СВИРКАЧИ беше во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

5 и 6 март во 18 часот 

КАДЕ СИ ЖОАО ЖИЛБЕРТО? (Where are you Joao Gilberto?)

Документарен филм, Швајцарија / Германија / франција
2018, 107 мин., колор, ДЦП
Режија: Жорж Гашо (Georges Gachot)
Сценарио: Жорж Гашо, Паоло Полони(Georges Gachot, Paolo Poloni)
Учествуваат: Марк Фишер, Рашел Баласиано, Жоао Донато (Marc Fischer, Rachel Balassiano, João Donato)

Влијателниот бразилски музичар Жоао Жилберто, кој важи за пионер на музичкиот жанр боса нова, е во фокусот на

документарниот филм КАДЕ СИ ЖОАО ЖИЛБЕРТО? во режија на Жорж Гашо кој од денеска почнува да се прикажува во кината низ земјава. Филмот ги следи стапките на германскиот писател Марк Фишер, кој опсесивно трага по водечкиот глас на најпознатиот бразилски музички стил на светот, кој со децении не бил виден во јавност. Фишер своето патешествие го опишал во книгата „Хобалала“, но извршил самоубиство една недела пред да излезе во печат. Преземајќи ја мисијата на Марк Фишер, следејќи ги неговите чекори еден по еден, благодарение на трагите што ни ги има оставено, преку филмот се обидуваме да го пронајдеме Жоао Жилберто за да ги сфатиме историјата, душата и суштината на боса новата.
Жилберто почина во својот дом во Рио де Жанеиро лани на 88-годишна возраст. Пејачот и композитор му донесе меѓународна популарност на жанрот боса нова во 1960-ите години, откако го издаде албумот „Chega de Saudade“, кој се смета за пресвртна точка за бразилската музика.
Роден во 1931, тој почнал да се занимава со музика на 18-годишна возраст и со комбинирањето на традиционални и модерни музички влијанија го креираше трендот боса нова, што потоа беше следен од голем број музичари. Жилберто му ја претстави боса нова на светот во 1958 година и овој ритам се карактеризираше со уникатен гитарски стил во кој модерни џез влијанија беа измешани со традиционалната самба. Неговата музика беше инспирација за милиони Бразилци во времето кога земјата забрзано се урбанизираше и развиваше.
Швајцарско-француско-германската копродукција имаше истовремена премиерна проекција на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во ноември и онлајн на платформата Cinesquare.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

7 март во 18 часот, 10 март во 20 часот 

КЛЕР ДАРЛИНГ (La dernière folie de Claire Darling / Claire Darling)
Игран филм, Франција
2019, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Жули Бертучели (Julie Bertuccelli)
Сценарио: Жули Бертучели (Julie Bertuccelli)
Улоги: Катрин Денев, Кјара Мастројани, Алис Таљони, Лаура Цалами, Самир Гесми (Catherine Deneuve, Chiara Mastroianni, Alice Taglioni, Laure Calamy, Samir Guesmi)

Клер Дарлинг се буди на првиот летен ден убедена дека тоа ќе биде нејзиниот последен ден во животот. Одлучува да ја испразни куќата и да продаде сè што има, без исклучок, од скапоцените ламби „Тифани“ до разни други предмети што ги поседува.
Сите тие предмети носат спомени од трагичните, но и сјајни моменти во нејзиниот живот. Актуелната душевна состојба во која што се наоѓа Клер ќе биде причина нејзината ќерка Мари да се врати дома. Следуваат моменти на преиспитување на нивните емоционални доноси…
Катрин Денев и Кјара Мастројани ги играат главните улоги во режија Џули Бертучели. Бертучели го има своето режисерско деби во 1993 година, позната по своите документарни филмови за кои е често наградувана. Нејзиниот прв игран филм ОТКАКО ЗАМИНА ОТАР ја доби врвната награда на критичарите на филмскиот фестивал во Кан во 2003 година.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

11март во 10.30 часот, 31 март во 20 часот 

МИЛОСТ БОЖЈА (Grâce à Dieu / By the Grace of God)
Игран филм, Франција / Белгија
2019, 137 мин., колор, ДЦП
Режија: Франсоа Озон (François Ozon)
Сценарио: Франсоа Озон (François Ozon)
Улоги: Мелвил Пупо, Дени Меноше, Сван Арло (Melvil Poupaud, Denis Ménochet, Swann Arlaud)

Филмот ги следи животните приказни на тројца возрасни луѓе – Алекс, Франсоа и Емануела, нивните трауми и долгогодишната борба со самите себе.
По една случка која ќе предизвика лавина од лоши сеќавања, ќе започне борбата против суровите злодела од минатото. Споредувајќи ги своите лични трауматични искуства, хероите на приказната, ги преиспитуваат своите животи низ љубовна, семејна и професионална перспектива…
МИЛОСТ БОЖЈА минатата година ја доби Големата награда на жирито на Берлинале („Сребрена мечка“), забележа 8 номинации за француската награда „Цезар“, а беше и победник на фестивалот Лас Палмас, каде што наградата за најдобро актерско остварување колективно ја добија Пупо, Меноше и Арло.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

16 март во 18 часот 
ЈУЛИ (Yuli / Yuli: The Carlos Acosta Story)

Игран филм, Шпанија / Куба / В. Британија
2018, 105 мин., клор, ДЦП
Режија: Исиар Болаин (Icíar Bollaín)
Сценарио: Пол Лаверти, Карлос Акоста (Paul Laverty, Carlos Acosta)
Улоги: Андреа Доимеадиос, Карлос Акоста, Цезар Домингез, Едлисон Мануел олбера Њунез, Сантјаго Алфонсо (Andrea Doimeadiós, Carlos Acosta, Cesar Domínguez, Edlison Manuel Olbera Núñez, Santiago Alfonso)

Јули е прекарот на кубанскиот балетски танчер Карлос Акоста, легенда на светскиот балет и прв црномурест танчер кој играл некоја од главните балетски ролји. Акоста е балетски танчер кој не сакал да игра балет.
Јули е прекарот кој Карлос Акоста го добива од неговиот татко Педро, кој го сметал својот син за Огуна – африкански Бог и борец. Како дете, Јули ја избегнува дисциплината и го поминува времето на сиромашните улици на Хавана. Меѓутоа неговиот татко има други планови. Знаејќи дека неговиот син има природен талент за танц, тој го праќа во националната балетска школа на Куба. Јули од мали нозе почнува да ја обликува својата светски позната кариера и станува првиот црн танчар во многу балетски претстави напишани за бели играчи…

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

30 март, 18 часот 
КАДЕ ПРИПАЃАМЕ? (Where We Belong)

Документарен филм, Швајцарија
2019, 78 мин., колор, ДЦП
Режија: Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd)
Сценарио: Жаклин Цинд (Jacqueline Zünd)
Учествуваат: Карлтон Гогел, Шерада Гогел, Томанс Курман (Carleton Gogel, Sherazade Gogel, Thomas Kurmann)

Поетски и интензивен документарен филм, кој ни прикажува како младите се борат со разделбата на нивните родители.
Родителите се разделуваат, семејството се распаѓа. Од она што некогаш било едно сега произлегуваат два одвоени светови. Децата сега живеат меѓу два дома, во постојана транзиција. Филмот се обидува да ни ја приближи детската реалност и се фокусира на тоа колку децата се кревки, но истовремено и колку храбро, паметно и со смеа ја перцепираат нивната состојба.
Филмот е номиниран за „Кристална мечка“ на филмскиот фестивал Берлинале 2019 во програмата Generation Kplus и е добитник на Young Eyes наградата на Документарниот фестивал во Лајпциг.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

30 март во 20 часот
НЕОБИЧНИ (Hors normes / The Specials)

Игран филм, Франција 2019, 114 мин., колор, ДЦП
Режија: Оливие Накаш, Ерил Толедано (Olivier Nakache, Éric Toledano)
Сценарио: Оливие Накаш, Ерил Толедано (Olivier Nakache, Éric Toledano)
Улоги: Венсан Касел, Реда Катеб, Лина Кудри, Елен Венсан, Алоиз Соваж (Vincent Cassel, Reda Kateb, Lyna Khoudri, Hélène Vincent, Aloïse Sauvage)

НЕОБИЧНИ е филмска приказна за двајца воспитувачи на деца и адолесценти со аутизам. Дваесет години Бруно и Малик живеат во одвоен свет, со аутистични деца и тинејџери. Нивното здружение обучува млади луѓе од опасните квартови да се грижат за оние кои се карактеризирани како „исклучиво комплексни“. Нивниот живот може да се опише како посебно партнерство за посебни личности….
НЕОБИЧНИ беше најдобар филм според изборот на публиката на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, Шпанија, а филмот забележа и 8 номинации за француската филмска национална награда „Цезар“.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

31 март во 18 часот 
ХРОНОФОБИЈА (Chronofobia)

Игран филм, Швајцарија
2018, 93 мин., колор, ДЦП
Режија: Франческо Рици (Francesco Rizzi)
Сценарио: Даниела Гамбаро, Франческо Рици (Daniela Gambaro, Francesco Rizzi)
Улоги: Виничио Маркиони, Сабине Тимотео, Леонардо Нигро (Vinicio Marchioni, Sabine Timoteo, Leonardo Nigro)
Сатер е осамен човек, кој е во постојано движење, бегајќи од себе. Преку ден, шета низ Швајцарија со бело комбе, додека преку ноќ тајно го набљудува животот на една друга осамена личност: Ана, млада жена што страда од сложен облик на тага. Откако ја открива неговата опседнатост со неа, се создава необична врска меѓу нив. Но оваа кревка рамнотежа за кратко време ќе биде уништена, кога Ана ја открива мрачната тајна на Сатер. Филмот e хроника на невозможна љубовна приказна.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари