Министрите за надворешни работи на Република Полска – Јацек Чапутович, Република Латвија – Едгарс Ринкевич, Република Литванија – Линас Линкевичиус и заменик министерот за европски прашања на Естонија – Март Волмер, во својство на претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, се во посета на Република Северна Македонија во пресрет на дискусиите во Советот за општи работи на ЕУ за носење на одлуката за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Во рамки на посетата имаа средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на која тој истакна: „Особено ме радува тоа што во ваков вистински момент имаме во посета високи претставници од четири пријателски земји и поддржувачи на нашата цел за добивање на долгоочекуваната и заслужена одлука за почеток на пристапни преговори. Пред неколку дена имавме ажуриран извештај од Европската Комисија кој на прецизен, фактографски и недвосмислен начин констатира дека Северна Македонија и покрај разочарувањето од октомври минатата година, ги зголемила напорите и испорачала натамошни суштествени и одржливи резултати во клучните области идентификувани од страна на Советот на ЕУ во јуни 2018 год., притоа потврдувајќи ја како важечка препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Со новата методологија и охрабрувачките сигнали, искрено се надевам дека овој пат, препознавањето на шансата за заеднички успех ќе биде консензуално.”
Од страна на соговорниците беше истакната целта на нивната посета – изразување на солидарност и гласна поддршка за нашите ЕУ аспирации. Воедно, изразија признание за досега испорачаните позитивни резултати и охрабрување истите да продолжат и во иднина, заложувајќи се да бидат гласноговорници на заедничката цел – чекор поблиску до ЕУ семејството, што е од стратешки интерес не само за нас, туку и за самата Унија.