Претседателот на Националниот Совет на австрискиот Парламент, Волфганг Соботка, оствари средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Во текот на разговорот фокусот беше ставен на европските интеграции на Северна Македонија и очекувањата од претстојниот Совет на ЕУ. МНР Димитров потенцираше дека принципиелната и континуирана поддршка од австриските пријатели беше и останува од големо значење за нашите ЕУ аспирации. Министерот Димитров информираше за позначајните постигнувања и резултати во клучните реформски области, нагласувајќи дека посетата на австрискиот прв парламентарец доаѓа во контекст на позитивни моменти – новата методологија за пристапниот процес и позитивниот Извештај на Европската Комисија кој ја потврди препораката за отворање на преговорите со Северна Македонија, што се надеваме овој пат ќе доведат заеднички успех.
Од страна на гостинот, беше поздравена силната посветеност на Владата на Северна Македонија за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата. Тој го реафирмираше ставот дека Австрија останува силен поддржувач за донесување одлука за отпочнување на преговорите со нашата земја во најскоро време.
Двајцата соговорници констатираа дека Северна Македонија и Австрија оддржуваат блиски и мошне интензивни билатерални односи на повеќе нивоа, како од политички аспект, така и економски, пресликано преку фактот што Австрија е странски инвеститор број еден во нашата земја и спаѓа меѓу оние држави со кои имаме најбогата соработка во различни области од заемен интерес. Воедно, соговорниците разменија мислења и околу актуелните случувања на границите на ЕУ.