За да нема забуни, од старт изјавуваме: Една може! Не е организаторка на осмомартовскиот марш. Тимот на Една може! кои го градеа ова четиво, беа согласни дека секоја од нив, би се приклучила на осмомартовски марш и/или штрајк, каде и да се наоѓа на планетата земја за тој ден.
Ова е нашето „Зошто маршираме на 8 март“, но и покана до сите феминистки и феминисти од сите класи, села и градови, професии и непрофесии да се придружат на осмомартовскиот марш.
Осмомартовскиот марш е глобален марш за солидарност помеѓу жените и против границите кои не поделуваат за да не владеат.
На 8 март ќе маршираме и ќе одбиеме да работиме.
Во последните десетина години стана застрашувачки јасно дека мора итно да го преобмислиме економскиот и политичкиот систем што ги гледа девојките и жените само како ресурси за експлоатација, искористување, штета и нужно зло.
Кога маршираме за 8 март, им пркосиме на оние кои продолжуваат да не веруваат во нас кога сме силувани, кога не можеме да функционираме нечовечки во несовршени општества, кога нема кој да не слушне, кога не камшикуваат и одовнатре и однадвор, зошто не сме според нивните стандради, зошто не сме прилагодени, зошто не сме вкалапени зошто сме свесни колку вредиме или се бориме да се освестуваме, и ние сите девојки и жени.
И зошто не се откажуваме од животи какви сонуваме, сакаме, заслужуваме!
Бараме колективни решенија за нашите индивидуални искуства на родово базирано насилство, и од институциите и од друштвената заедница, без оглед дали се случувале во домот, на улиците, на работните места, на факултетите, во организациите за човекови права или државните институции.
Тука сме да изградиме феминистичко движење за кое немаме премногу
позитивни пракси уште од времињата на АФЖ. Движење кое извира одоздола и удира во срцето на нашето угнетување и експлоатација.
Во овие 30 години самостојна држава, најмногу страдаат жени, бидејќи богатите се збогатија а остатокот се бориме да ставиме храна на маса, да имаат затоплување во зима за себе и своите деца, да скрпат за топол оброк и да плаќаат кирии и кредити.
На 8 март ќе бидеме на улиците на Скопје и ќе апстинираме од работата што ја работиме и од домашниот неплатен труд и од платените работи.
На улица Ве чекаме, со децата, со милениците, без лажици и крпи, да си ги бараме и лебот и розите кои ни следуваат, а кои не сме ги вкусиле никогаш во земјава.
Осмомартовскиот марш се случува на меѓународниот ден на жената и ние, Една може! се придружуваме со милиони жени и небинални луѓе од целиот свет во борба за феминистичка иднина.
Придружи ни се, не за да ја видиш „онаа“ шо дискриминира, „едисикоја“ шо се осудува да ти кажува шо да правиш, „оваа“ шо те омаловажува у прва прилика кога ќе види како постигнуваш успеси, НЕ за сите кои сакаат да останеш на ниво на жртва, НЕ за сите на кои им смета слободата која ја имаш зошто за нив таа е имагинарна, НЕ за продавачката што ти брои што и колку трошиш за јадење и пиење, НЕ за тие што лечат фрустрации врз послаби, НЕ за онаа што ништо друго не те советува туку и ти да веднеш глава и да си седиш мадро да не биде модро оти така она е у игра, НЕ за тие што автоматски стануваат робови штом седнат на позиции на моќ, а ти им бодеш очи. Фак дем!
Марширај за жените кои сами чуваат деца, а државата и често ни пошироките семејства не стојат зад нив, за сингл мајката која работи 3 работи и не си и ни на крај на умот оти ум нема од обврски, за жените кои не можат слободно да се движат низ населба, град, школо, институции зошто нема пристапност за жени со помошни возила, за оние девојки и жени кои не смеат на работа да одат до тоалет повеќе од еднаш, за мајката шо се товари како магарица за да одвлечка храна кај своите деца, за тие што даваат отворена рефлексија кога сакаш да им се пожалиш, за тие кои се радуваат на туѓите успеси, за оние кои стануваат во 5 наутро да ја одработат својата работа за која се страствени, за жените од малцинските заедници на кои едвај им го запаметуваш името, за жените кој јадат ќотек за појадок и за оние кои се подложни на психолошки малтретирања заради култура на патријахат, малограѓанство и простотилок, за оние кои трпат мобинг на работа, за старата комшивка што сама живее и нема кој да ѝ претрча ни до аптека, за онаа која сама и пешки изодела до болница за пораѓај, за онаа на која и викаат дека сама си го барала, за тие девојки кои и покрај тешки домашни состојби решаваат да се посветат на учењето, за оние девојки кои немаат пари за хигиенски средства, за сите жени кои се со дечиња со посебни потреби и оставени сами на себе, за оние кои престанале со формална едукација за да можат да работат, за сите жени од рурални средини кои немаат ни транспорт до градовите, за сите жени кои не можат да си дозволат да посетуваат редовно лекари, за сите девојки на кој им е кажувано да замолчат, за самохраната мајка која завршува во болница со бебето и нема кој да и донесе пижами, за оние кои сами постигнале многу, за оние кои се нашиот глас во јавноста, за онаа згодница што се прегледува 300 пати во огледало пред да излезе од дома, за оние кои те споиле со прави луѓе кои во моментот ти требале, за мајката која заспива пред своите деца зошто е папсана од труд, за онаа која не прави компромис за пар работи, а се договара за многу други, за оние кои те утешиле кога ти требало, за сите девојки и жени кои го бркаат својот сон и си го берат своето гајле, за сите кои ти подале рака, за оние кои ти подместиле скала за да просперираш, за онаа со лузните, за колешката што те тапка по плеќи за охрабрување, за другарките со кои споделуваш човечност, пијачка, кафе и “јадете вафли“, за сите кои кога немало друг да те гушне силно до коскокрш, за секоја жена која е дискриминирана, етикетирана, малтретирана, дисциплинирана, омаловажувана, на која не и се дадени можности, шанси, прилики, за секоја различна, за секоја шо прави промена, за онаа која не може да молчи исто како и за онаа која нема глас.
Придружи ни се, За секоја Една да може!
Една може! 2020, 8 март