Османи: ЕУ постигна консензус, очекуваме датум за преговори

Сподели

 

“Сакам да ве информирам за исклучиво, позитивна вест, која вчера доцна вечерта дојде од Брисел, по полноќ, Советот на постојаните претставници (Coreper), во кој членуваат амбасадорите на сите земји-членки на ЕУ, според информациите што ги добивме од таму, постигнаа консензус за одлука за преговори со Република Северна Македонија, безусловна и со безусловно барање за првата меѓувладина конференција по потврдување на преговарачката рамка. Очекуваме истата да се потврди, а понатаму, на 24 март, од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК, а потоа и на Самитот на премиерите, кој се очекува на 26 и 27 март”, соопшти вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на прес-конференција во владата.

Тој рече и дека владата вчеравечер имала координација со ЕУ за Ковид-19, и договориле, иако не било предвидено во првиот сет мерки, како преговарач за членство, да се вклучи во Солидарниот фонд на ЕУ за да користи парична помош за справување со корона вирусот.

– Ова е важна вест, не само како потврда за нашиот успех, туку и важна вест во овие моменти кога и ние се соочуваме со предизвиците од епидемијата предизвикана од вирусот Ковид-19. Покрај заканата за јавното здравје, оваа епидемија претставува и огромен предизвик за одржување и на пристојна економска активност, и финансиската стабилност на земјата. А како земја кандидат за членство во ЕУ, и еве очигледно наскоро, како земја – преговарач, очекуваме да бидеме дел од пакетот мерки, активности и протоколи, кои во моментот се подготвуваат од страна на Европската Комисија – истакна Османи, претставувајќи дел од мерките за соработка и помош од ЕУ, за кои Владата со писмо се обрати до Европската Комисија.

Османи во продолжение ги наведе дел од првичните мерки кои во име на Владата со писмо до Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ги претстави на Европската Комисија:

  • Вклучување во Европскиот солидарен фонд за природни непогоди, кој на барање на Европската Комисија ќе биде проширен и за справување со последиците од Ковид -19, а во кој пристап имаат земјите – членки и земјите кои преговараат за членство;
  • таканаречена награда за успешност (Performance award) во износ од 50 милиони евра, која ни беше доделена поради успешна реализација на ИПА средствата, да биде пренаменета во поддршка за справување со предизвиците од епидемијата, наместо за приоритетите за кои првично беше планирана;
  • согласно иницијативата на Европската Комисија, за финансиска поддршка за ликвидност на претпријатијата погодени од епидемијата, побаравме пристап до овие средства и на Банката за поддршка на развојот на Република Северна Македонија, со што би се обезбедиле брзи краткорочни заеми за поддршка на ликвидноста на нашите мали и средби претпријатија;
  • измена и на минималните критериуми  за искористување на фондовите од ИПАРД 2 програмата, во кои сметаме на зголемување на делот што претставува учество на ИПА фондовите, а на сметка на сопствениот капитал на производителите на храна и земјоделците. Само за потсетување, ваквата слична мерка беше применета и за време на кризата со поплавите, кога учеството на ИПА фондовите беше 75%

Покрај учеството во програмите и мерките на Унијата, Османи пренесе дека ќе побара од Европската Комисија, земјава да биде исклучена од рестрикциите на единствениот пазар на ЕУ, а кои се однесуваат на најмногу на медицински материјали и опрема.

На крајот, Османи информираше за одлуката на Норвешка итно да ослободи 3,2 милиони евра за итна реализација преку програмата на УНОПС, средства кои веднаш се ставаат на располагање на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, за медицински материјали, препарати и средства.

meta.mk