За само два дена, повеќе од 100 апликации од млади уметници од Скопје пристигнаа на јавниот повик што го објави Град Скопје, заедно со градските културни институции, за финансирање проекти од областа на културата – „Култура во време на корона“. Денеска во 18 часот, на покривот на Домот на градежници ќе се одржи и првиот концерт од оваа програма. Младиот скопски музичар и некогашен фронтмен на бендот „The John”, Lepi Xhoni, ќе одржи едночасовен соло концерт за станарите од Градски ѕид. Ги повикуваме нашите сограѓани од околните згради да му дадат поддршка на овој млад скопски уметник. Концертот ќе биде стримуван на фејсбук страницата на Град Скопје https://www.facebook.com/CityofSkopje/?ref=br_rs и на официјалниот Youtube канал на Град Скопје https://www.youtube.com/channel/UChnvnL2Inms7iLk6uzQFyTw
Град Скопје, заедно со градските културни институции, пред два дена објави Јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Идејата на повикот е пред сè да се поддржат невработените уметници, односно оние уметници кои што ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом. Заинтересираните уметници може да се пријавуваат на https://mkc.mk/vesti/grsk_povik1/
Со овој повик ќе се поддржат следните видови проекти:
- Маалски изведби во времетраење до 2 часа; техничката опрема ќе биде обезбедена од културните установи на Град Скопје; и
- Виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти, работилници за деца…, во времетраење до 2 часа.
Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација – се наведува во соопштението на Град Скопје.