Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната редовна прес-конференција, која се одвиваше преку онлајн видео комуникација, од домашна изолација, во која министерот се наоѓа по информацијата дека градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски е позитивен на КОВИД-19, а со кого претходниот ден присуствуваше на Општинскиот кризен штаб на Куманово, информираше за состојбата со коронавирусот во земјава, за статистиката на денот и моменталната состојба на пациентите заболени од КОВИД-19.
„Во текот на денов ја поставивме новата организација на начинот на комуникација на Министерството за здравство, вакво сценарио предвидовме дека може да се случи. Имавме примери каде што во повеќе земји, повеќе функционери поминаа низ оваа ситуација. Сакам да ги уверам сите, граѓаните најмногу, дека сите процеси остануваат под максимална координација, во целосна секојдневна комуникација со сите претставници на јавно-здравствените институции во процес во којшто практично бевме и до сега, а ќе го продолжиме и во следните денови. Во било кој момент ќе бидам достапен за претставниците на медиумите да одговорам на секое прашање, а на овој начин ќе ги одржуваме и прес-конференциите“, информираше министерот Филипче.
Министерот за здравство Филипче, додаде дека на денешната анкета со епидемиолозите било утврдено дека ризикот за зараза во Куманово за него е многу мал заради маската којашто ја носел заедно со колегите коишто таму присуствувале, но, сепак одлучил овие денови да работи од дома, меѓу другото и да даде пример за другите дека ова е начинот на којшто треба да се постапува.
„Денеска од Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби заминаа пет оздравени пациенти, веќе негативни на дуплите тестови на вирусот – во сосем добра општа состојба, а оздравени се уште 18 лица коишто се лекуваат во домашни услови. За жал имаме еден починат пациент од околината на Струга којшто се лекуваше на Клиниката за инфективни болести. Тој е на возраст од 50 години и бил хоспитализиран на 27-ми март во крајно тешка клиничка состојба во последните неколку денови. Во изминатите 24 часа потврдени се 107 случаи на пациенти дијагностицирани на КОВИД – 19 вирусот. Бројот на заболени којшто го имаме денеска, воопшто не треба да изненадува, ова е бројка којашто ние ја очекувавме имајќи предвид дека навлегуваме кон пикот на бројот на дијагностицирани пациенти во овие недели коишто се пред нас. Сакам да кажам дека ова е уште еден сигнал, уште еден момент да апелирам до граѓаните да ги почитуваат сите мерки и сите препораки со цел да се спречи понатамошното ширење на вирусот. Со овие новодијагностицирани случаи, вкупната бројка на потврдени позитивни лица во нашата земја изнесува 1.081, досега за жал се починати 46 лица, оздравени се 121 пациент и согласно ова, бројот на активни заболени во нашата земја е 914. Изминатите 24 часа направени се 660 тестови, односно вкупно во нашата земја до сега 10.422 теста“, потенцираше министерот Филипче.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие примени се 11 нови пациенти, вкупно хоспитализирани се 62, од коишто пет пациенти се наоѓаат на механичка вентилација. Во Градската општа болница има вкупно 38 пациенти, на респираторна машина се шест пациенти, а дополнително осум со потешка манифестација на болеста. Состојбата на пациентите во Битола и во Штип е стабилна, нема некоја значајна промена во однос на претходните денови.
Министерот Филипче информираше по написите во медиумите за случајот во болницата во Битола и пациентот којшто е таму дијагностициран, а кој неколку денови бил во Интерното одделение. Тој истакна дека пациентот бил во дел на изолација, меѓутоа поради тоа што има неколку различни ставови и мислења, случајот ќе го истражи Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„Во врска со написите за вчерашната посета на Куманово, немавме информации дека таму на дел од членовите им бил земен брис. Да го знаевме тоа, поинаку ќе се организиравме, но имајќи предвид дека се оди во таков регион бевме соодветно заштитени. Ова е еден акт, со кој покажуваме дека сите сме еднакви и мерките треба да ги почитуваме. Овие денови ќе работиме од домашни услови“, рече министерот Филипче.
Тој објасни и дека резултатот на починатиот притвореник од затворот во Шутка е негативен на коронавирус и дека во затворот продолжува активната работа на лекарите, во смисла на тестирање и прегледи. Во текот на утрешниот ден, информираше Филипче ќе биде познат точниот број на направени и изработени тестови, по што јавноста ќе биде информирана.
„Се направија серолошки тестирања на скоро сите, во еден момент, во смена, во текот на вчерашниот ден во болницата во Куманово. Тој процес ќе продолжи и во текот на наредните денови. Се скенира присуството на антитела, еден дел, една форма на антитела може да укажува на присуство на вирусот и од сите 210 земени материјали кај само двајца вработени го има тој позитивен тест и тие ќе бидат дополнително тестирани на КОВИД – 19 за да знаеме каква е нивната состојба. Клинички се стабилни и тие се асимптоматски“, рече министерот Филипче.
На прес-конференцијата, тој информираше дека тестирани се десетина трудници кои се хоспитализирани на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК). Направени биле истите серолошки тестови на Институтот за биохемија и тестовите биле негативни. Индикацијата била откако многу повеќе родилки од вообичаено биле примени на ГАК во Скопје, изминатите денови.
„Дозволете на крајот да укажам и на некои работи, да изразам став за собирањата на празникот Велигден. Категорично останувам на ставот, дека не смее да има било какво групирање на граѓаните и дека доследно тие треба да се придржуваат до препораките. Влегуваме во најкритичната фаза на епидемијата каде бројот на новодијагностицирани очекувано расте, меѓутоа ние не смееме да дозволиме овој број дополнително да го оптовариме и да дадеме шанса да понатаму и за две недели од сега, заради овие групирања, да ни се јават нови пациенти во нашата земја. Сите имаме одговорност, оваа форма на групирање воопшто не ја одобрувам, собирања од било каков тип се огромен ризик. И апелирам до граѓаните, ова да го сфатат многу сериозно, да го прослават празникот соодветно на состојбата и да се придржуваат до препораките“, потенцираше министерот Филипче.