Заев: СДСМ е подготвен за избори, а јас за иден премиер

Сподели

Zaev-RSE

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за избори, вели лидерот на опозициската партија, Зоран Заев во интервју за „Радио Слободна Европа“ и додава дека ако народот одлучи да му ја даде поддршката, тој „секако ќе ја зграпчи честа“ да биде иден премиер на државата.

„Ние сме единствената партија којашто во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности…Ако народот одлучи да му ја даде честа на СДСМ како прворангирана партија во Македонија, да, секако ќе ја зграпчам оваа чест да покажам резултат. Јас можеби сум прв политичар во врвот на големите политички партии, којшто доаѓа од практичниот, од деловниот сектор. Економските политики мора да дадат резултат којшто ќе го почувствуваат сите граѓани, сите семејства во Република Македонија“, вели Заев.

Тој вели дека околу 65 отсто од изборната програма на СДСМ се однесува на економијата, а фокусот е насочен кон отворање на нови квалитетни работни места и просечна плата од 500 евра.

„Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во државата е силен потенцијал и за враќање на кредитите, но и за развојни димензии на нашето општество“, вели лидерот на опозицијата.

Според него, фер и кредибилни избори се можни доколку се исполната двата услови од Договорот од Пржино – прочистување на избирачкиот список и регулирање на медиумите.

„Не сака власта да ги тргне своите политички канџи коишто ги има ставено врз Советот на Агенцијата за медиуми и врз МРТВ. Предлогот на меѓународната заедница е тие да бидат заменети со експерти, од еснафот, од фелата, новинари, коишто имаат најмалку 8 години работно искуство, најмалку пет години да биле на раководни функции или слично, што се меѓународни критериуми. Не се согласуваат со оваа работа. Дадовме и други иницијативи, сè со конечна цел побрзо да заврши оваа криза преку регуларни, фер и демократски избори“, потенцира Заев.

За замрзнувањето на работата на пратениците од СДСМ во Собранието, тој вели дека со ваквата одлука сакаат да испратат посериозна одлука до Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, пред летните одмори на судиите.

„Многу чесно, само да ја донесат одлуката, не прејудицираме каква. Затоа го поддржуваме тоа што го испорачаа граѓаните од ‘Шарената револуција’, тоа е принципиелен предлог и веруваме дека Уставниот суд ќе се одважи после 8 месеци иницијатива, кога има пракса за одлуки од 3 до 5 месеци, да донесе одлука за вакво сериозно прашање. Тоа е нашето барање“, вели Заев.

На прашањето што ќе се случи со СЈО доколку пропадне Договорот од Пржино, оценката на лидерот на СДСМ е дека тоа нема да се случи.

„Јас верувам дека пржинскиот договор нема да пропадне. Посебно искра надеж за враќање на правдата е тоа Специјално јавно обвинителство. Тоа е институција формирана со консензус во парламентот, консензуз помеѓу политичките партии, дури и Катица Јанева има целосна поддршка од сите претседатели на најголемите политички партии. Груевски даде согласност, исто како што дадов и јас, за Катица Јанева и за законот, целосно отворена можност таа сама кадровски да го постави тимот во СЈО. И мене не ми е баш пријатно кога сум исправен таму за „Пуч“ или за кој било од предметите за коишто има можност да биде отворена иницијатива против некои опозиционери, но ние ветивме дека покрај политичката, мора да има и правна одговорност“, потенцира Заев.