Филипче: Препораката за заштитна опрема за лице и растојанието да се почитуваат

Сподели

 

На вчерашната прес-конференција, министерот за здравство Филипче уште еднаш ги потенцираше превентивните мерки кои граѓаните мораат да ги почитуваат во заедничката борба против коронавирусот.

“Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите. Паралелно со ова релаксирање на мерките воведуваме нови задолжителни мерки на лична заштита и како што веќе најавивме, граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метра. Заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип, како маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи. Сите затворени објекти во коишто има повеќе лица.

Во однос на отворените површини заштитна опрема мора да се носи на места каде што нема простор за дистанца од два метри.

Исклучок за носење на заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема за работа, која е пропишана со работното место како во погони, фабрики, производство, ако лицето престојува во двор на станбена семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено, но ја држи потребната дистанца од два метри и не го прави тоа во група согласно постоечките рестрикции, при возење на патничко моторно возило со лица со коишто лицето живее во заедница или домаќинство или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од другото лице коешто е во непосредна близина.

Исклучително е важно граѓаните да разберат дека мора да се почитува физичката дистанца од два метра, е задолжителна и на отворено. Во ситуација да има поголема бројка на луѓе од кои не можеме да се оддалечиме, тогаш да се користи таа заштитна опрема. Компаниите во сите свои објекти, управни згради, подружници, експозитури ќе бидат задолжени да обезбедат носење заштитна опрема на лице за сите свои вработени, но и да забранат влез за посетители доколку истите немаат заштитна опрема за лице.

Во однос на заштитната опрема и што претставува таа, важно е да се знае дека се подразбира било каква форма која ќе го покрива делот на носот и устата, како маска за еднократна или повеќекратна употреба или марама, шал и слично што може да ја прекрие устата и носот” – порача министерот Филипче.