Претседателот на РС Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со Мајк Помпео, државен секретар на Соединетите Американски Држави.
Во разговорот, од името на граѓаните на Република Северна Македонија и од свое лично име, претседателот Пендаровски изрази сочувство за смртта на над 50.000 американски граѓани како последица на КОВИД-19 и изрази солидарност со американскиот народ.
Во тој контекст двајцата соговорници разменија информации за актуелните состојби околу справувањето со пандемијата на КОВИД-19, при што претседателот Пендаровски изрази благодарност до државниот секретар Помпео за досегашната американска помош за справување со вирусот, која изнесува над еден милион американски долари. Притоа, Претседателот истакна дека помошта е потврда за солидарноста и пријателството на двете држави во време на сериозни предизвици со кои се соочува целокупното човештво.
Истовремено, претседателот Пендаровски му се заблагодари на секретарот Помпео за честитките за членството на Северна Македонија во НАТО, како и за целокупната американска поддршка и посебно на американската дипломатија, во исполнувањето на оваа стратешка цел.
Претседателот Пендаровски го информираше државниот секретар Помпео за последните случувања во регионот, со посебен осврт на прашањето на Косово.