Милошев: Мерките за справување со коронавирусот дадоа позитивни резултати

Сподели

 

Државниот секретар во Министерството за здравство д-р. Владимир Милошев, денеска учествуваше на меѓународна видео конференција за размена на мерките за превенција и контрола, како и размена на искуствата и предизвиците во дијагностика и третман, балансот помеѓу нормалната економска и социјална активност, како и потребите од епидемиолошка контрола поврзани со коронавирусот во светот.

„Ги поставивме мерките за справување со коронавирусот во вистинската насока, навремено и со добра организација, а сето тоа даде позитивни резултати. Во соработка со експертите од Комисијата за заразни болести, епидемиолозите како и во консултација со вработените во јавно-здравствените установи поставивме темели на самиот почеток кои беа високо-рестриктивни, но ги постигнаа очекуваните резултати. Во секој момент ги пратевме трендовите од другите држави и ги разгледувавме позитивните и негативните сценарија и согласно на тоа реагиравме. Досега сме задоволни од резултатите и остануваме во надеж за добар тек на ситуацијата со коронавирусот, со намален број на новодијагностицирани како и со цел за усовршување на третманот на веќе заболените пациенти, како и со работа на изнаоѓање на лек против овој вирус”, истакна државниот секретар Милошев.

На видео конференцијата учествуваа и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија кои ги презентираа досегашните искуства во своите земји. Сите претставници укажаа на тоа дека само со координиран пристап на сите земји во понатамошното делување при справување со состојбата со коронавирусот може побрзо да се надмине оваа глобална здравствена криза.