Вработен во обезбедувањето на претседателот Пендаровски позитивен на Ковид-19

Сподели

 

Вработен во обезбедувањето на Претседателот Стево Пендаровски вчера бил тестиран позитивен на корона вирусот, информираат од претседателскиот Кабинет.

„Во попладневните часови во неделата, на 17 мај, извршено е тестирање за Ковид-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во Министерството за внатрешни работи, при што е утврден позитивен резултат“, се наведува во нивното соопштение.

Тој минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај годинава и бидејќи е дел од поширокиот тим на обезбедувањето, немал директна комуникација со претседателот.

Според соопштението, по спроведената епидемиолошка анкета, утврдено било дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со позитивното лице и тестовите покажале дека сите 11 се негативни на Ковид-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубацијата од 14 дена.

„По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација. Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита. Во изминатите два месеца вработените работат според различен распоред, а поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање и се користи заштитна опрема, а редовно се чистат и дезинфицираат просториите во „Вила Водно“, информираат од претседателскиот Кабинет.