Исламската верска заедница (ИВЗ), уште во понеделникот со писмо ја известила Владата дека ако се воведе планираниот полициски час за време на продолжениот викенд, тоа ќе значи дека Владата ќе ја изгуби довербата на сите муслимански верници, оти во претходниот месец не е воведен целосен полициски час во ниту еден викенд, а сега има намера да се направи тоа за празникот Фитер Бајрам. Владата треба да се замисли за тоа, сега кога се очекуваат парламентарни избори, предупреди ИВЗ.
„Ние како верска институција постоиме за да им служиме на верниците и нема да носиме товар на грб за откажување на намазот на Фитер Бајрам во џамија. Ви гарантираме дека во текот на обавување на намазот, ќе ги почитуваме сите препораки кои се имплементираат за обавување на дневните намази, за кои досега не сме добиле никаква забелешка од ваша страна. Воведувањето на полицискиот час, ќе ги иритира верниците од исламската заедница, бидејќи цел месец по ред, во ниту еден викенд не беше воведен полициски час, а ова ќе значи дека намерно нема да се дозволи намазот на Фитер Бајрам, кој се одржува еднаш годишно“, пишува во писмото од ИВЗ.