Протокол за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на КОВИД-19

Сподели

 

Владата на денешната седница го усвои Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на КОВИД-19 што важат за сите работни места и за сите луѓе на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.

Протоколот вклучува мерки кои се однесуваат на личната хигиена и заштитна опрема, препораки за респираторната хигиена и физичкото дистанцирање во работните простории, како и редуцирање на патувања поврзани со работата, како и посебна организација кога е неопходно да се спроведат.

Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на КОВИД-19 опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина, постојана комуникација, обука и едукација за ризици, како и постапки кога е потребно менаџирање на вработените кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на КОВИД-19.

На оваа седница Владата го усвои и Протоколот за спроведување на проверка на способностите за спортските вештини на учениците кои имаат интерес за запишување на Државното средно училиште „Спортска академија“, со кој се опфатени препораките за подготовка и уредување на спортските терени каде што ќе се спроведува проверката на вештините, начинот на пријавување, како и текот и организацијата на селективниот тренинг.

На денешната седница Владата ја дополни Уредбата со законска сила примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба со која е предвидено во јавниот превоз на патници бројот на патниците во возилата да изнесува најмногу до 50% од капацитетот на возилата за кои е задолжително да бидат опремени со маски, ракавици и возилата да се дезинфицираат.

Со оваа измена задолжителните мерки ќе се однесуваат и на правните субјекти кои вршат превоз на патници за сопствени потреби.

Владата денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за одбрана за време на вонредна состојба со која се уредува надлежност за донесување на одлуки за упатување на активниот воен и цивилен персонал, припадниците на резервните сили на Армијата и вработените во Министерството за одбрана, за учество на вежби, обука, во хуманитарни операции, меѓународни операции, во НАТО мисии и операции и операции, во примената на правото на индивидуална или колективната самоодбрана, како и во операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, надвор од територијата на Републиката.

Оваа уредба се донесува и заради тоа што според Законот за одбрана одлуки за учество во меѓународни воени операции надвор од територијата на државата донесува Собранието на Република Северна Македонија, а бидејќи тоа е распуштено, единствениот начин во овие услови за донесување на одлуки за упатување на воен и цивилен персонал во меѓународни операции, Министерството за одбрана непречено може да ги извршува само со донесување Уредба со законска сила за примена на Законот за одбрана за време на вонредна состојба.

На денешната седница, Владата го разгледа шестмесечниот извештај од надзорот над функционалноста на Автоматскиот компјутерски систем за управување со судски предмети (АКМИС) во судовите за 2019 година, со вклучени препораки на Комисијата за надзор на примената на одредбите од судскиот деловник.