Забрана за движење од утре од 21 часот до понеделник до 5 часот заради справување со коронавирус

Сподели

 

Од утре вечер во 21 часот до 5 часот во понеделник наутро се воведува полициски час во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Општина Липково, Штип, Тетово, како и во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, одлучи владата на денешната седница, која ја соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

 

 

На денешната седница на Влада, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, ги донесовме следниве одлуки со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот.

Се воведува целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот.

Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро. Во сите останати општини, во петок, сабота, недела забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро.

Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен во случај на погреби.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Остануваат да важат сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

Прошетката на милениците (кучињата) ќе биде во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15:30 и 20:00 до 20:30 часот.

Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Министерот Филипче потенцираше дека до оваа состојба е дојдено поради непочитување на препораките на Министерството за здравство во борбата со коронавирусот. Тој потенцираше дека вирусот е опасен, а сѐ уште има луѓе кои не веруваат дека постои коронавирусот.