Џафери го потпиша решението за избори на 15. јули

Сподели

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери го потпиша решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори со кои изборите се распишани за на 15 јули, информираше денеска тој на својот Фејсбук профил.

“Со оглед на тоа што наметнатите, неприродни услови со КОВИД-19, го одложија спроведувањето на предвремените парламентарни избори претходно закажани за 12-ти април 2020, известувам дека имаме нова ситуација. Имено, како што ви е веќе познато, политичките лидери во Република Северна Македонија постигнаа договор за закажување на нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Консензуалниот датум на власта и опозицијата е 15-ти јули 2020. Овие избори ќе бидат невообичаени по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања, меѓутоа, тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, со цел да се заштити здравјето и животот на граѓаните.

Решението за изменување и дополнување на Решението за распишување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15-ти јули 2020 година го потпишав синоќа и истото е архивирано и пратено до Државната Изборна Комисија, до Министерството за надворешни работи и Министерството за правда, со што се запазуваат роковите за деновите утврдени во Уставот” – изјави Талат Џафери.