Под облаците на Јупитер

Сподели

Астрономите користејќи се со еден од најсофистицираните радиотелескопи (Very Large Array – VLA) ја направија најдеталната мапа од долните слоеви на јупитеровата атмосфера, откривајќи ги теченијата на амонијак под разнобојните ленти и дамки на површинскиот дел од атмосферата.

Горниот дел е фотографија направена со радиотелескоп во две фреквенции пробивајќи 30 до 100 км под површинскиот дел на атмосферата, долната фотографија е во видлив оптички спектар направена со Хабл телескопот (с) UC Berkeley

Радио зрачењата делумно се апсорбирани од амонијакот, со анализа на овие бранови должини може да се заклучи на која длабочина колку е застапен амонијакот. Со анализа на овие делови од атмосферата истражувачите се надеваат на подетално откривање на процеси што се случуваат во атмосферата и во колкав процент се предизвикани од внатрешните извори на топлина. Со ова ќе се откријат и сличните процеси на другите гасовити планети.
Со овие набљудувања е направена тродимензионална структура на внатрешноста на јупитеровата атмосфера и застапеност на амонијак. Структурата е скоро идентична со површинскиот изглед што укажува на голема поврзаност со внатрешните процеси во длабочината на атмосферата.
Внатрешната структура открива делови каде гасот без амонијак пропаѓа во длабочините, додека областите богати со амонијак полека избиваат на површина со што се формираат некои од карактеристичните структури што се гледаат на сликите од оваа величествена планета.

Снимка од целата планета снимена во радо спектарот со бранови должини од 2см (сино); 3см (жолто); 6см (црвено) (с) UC Berkeley

Радио снимка која открива структура под шареноликите форми во атмосферата:

Јупитеровата Голема црвена дамка снимена во виолетовиот спектар од вселенското летало Војаџер 1 каде се гледаат длабочините на атмосферата од друг аспект (с) NASA/Voyager