Град Скопје продолжува со субвенционирање за чистење оџаци

Сподели

 

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување  субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.  Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.

 

Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени 56 барања од граѓаните, а јавниот повик ќе биде отворен до 30.11.2020 година, по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

 

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на град Скопје, како и правните лица кои имаат деловни објекти во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај, кои ќе го исчистат оџакот на своето живеалиште или деловен објект на територија Град Скопје кои ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за учество се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да ги достави следните документи:

– Барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk);

– Доказ за жителство во град Скопје: Фотокопија од важечка лична карта или пасош;

-Фотокопија од трансакциска сметка / жиро сметка;

– Доказ за правен субјект: Тековна состојба не постара од 6 месеци;

-Оригинал потврда за реализирано чистење на оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот, и

-Оригинал фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење на оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности).

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Градот Скопје, е нарушениот квалитет на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на домовите кои не се приклучени на централно греење, пред се заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување  и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.

За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 и 2019 година, кога беа доделени вкупно 634 субвенции.