ДЗС: Повеќе починати отколку родени во 2019 година во државава

Сподели

 

Според податоците на ДЗС во земјава лани се регистрирани вкупно 19.845 живородени и 20.446 умрени лица, со што природниот прираст е негативен и изнесува – 601. Позитивен природен прираст има ако се земат само селските средини (458), додека во градските средини е – 1.059 лица.

Како што објави ДЗС, во 2019 бројот на живородените деца во градските подрачја изнесува 11.772 деца или 59.3 % од вкупниот број на живородените деца наспроти 8.073 живородени деца или 40.7 % во селските подрачја.

Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот со 38.1 %, а најмало Источниот Регион со 6.3 %. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29.8 години наспроти 28.2 години во селските подрачја.

Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28.5 години наспроти 25.9 години во селските подрачја. При првото раѓање за 2.6 години е помлада мајката од селските подрачја.

Бројот на умрените лица во градските подрачја изнесува 12.831 лице или 62.8 % наспроти 7.615 умрени лица или 37.2 % во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број умрени лица, по региони, има Скопскиот со 29.9 %, а најмало Североисточниот со 8.1 %. Бројот на умрените доенчиња во градските подрачја е 66 доенчиња, додека во селските подрачја изнесува 46 доенчиња. Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73.7 години наспроти 73.8 години во селските.

Во шест региони има појава на негативен природен прираст, и тоа во: Вардарскиот, Источниот, Југозападниот, Југоисточниот, Пелагонискиот и Североисточниот Регион. Податоците за внатрешните миграции на ниво на регион покажуваат дека најголемо учество од 36.3 % имаат преселбите од село во град, додека меѓуградските преселби учествуваат со 8.2 %.

Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 51.8 %, додека во Полошкиот имаат меѓуселските преселби кои учествуваат сo 61.5 %.

Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион (1 233), а најмало во Југоисточниот (- 58).