Битка против корупција и криминал, битка за вистинска правда, враќање на правдата… Ова се пораките на сите партии во изборната кампања, со таа разлика што опозицијата обвинува за селективна правда, а власта критикува за многубројни обиди за опструкција на правдата.
Денеска на сила стапува новиот Закон за Јавно обвинителство, кој беше донесен во февруари годинава, пред распуштањето на парламентот. Иако донесувањето на овој закон не беше формален услов за одлуката за почеток на преговори со ЕУ, некои земји членки на Унијата силно ја потенцираа важноста од неговото донесување. Дел од одредбите во законот беа предмет на критики од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а клучната забелешка беше дека во него се крие обид за амнестија на функционери од власта. Прстот беше вперен во членот 110 од Законот за јавно обвинителство, со кој се предвидува прислушувани разговори да не можат да бидат основа за подигнување обвиненија, туку тие само да служат како индиции. Исклучок од ова веќе законско правило ќе бидат предметите на СЈО покренати до 30 јуни 2017 година. Сите прислушувани разговори што не се предадени во Судот како докази или индиции во истраги, Законот предвидува да се уништат.
Елиминирање на политички влијанија
„Новото законско решение не значи скриена амнестија на определени сторители на кривични дела“, вели за ДВ, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Тој оценува дека новиот закон суштествено ја унапредува работата на Јавното обвинителство и ја зајакнува неговата самостојност, со тоа што се решава и долгогодишниот проблем на финансирање.
„Со Законот, за потребите на јавното обвинителство ќе се одвојуваат најмалку 0,4 отсто од буџетот на државата. Со Законот се елиминираат политичките влијанија во изборот на обвинителите, бидејќи за избор во повисоко Јавно обвинителство сега услов е определен период јавниот обвинител да работел во пониското обвинителство. Значи ќе се почитува принципот на кариера“, посочува Јовески.
Текстот во целост прочитајте го тука.