Пендаровски ги прими акредитивните писма од Холштајн, новоименуваната амбасадорка на Германија

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Анке Гизелa Холштајн, новоименувана амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, со седиште во Скопје.

 

 

Посакувајќи и срдечно добредојде, претседателот Пендаровски на церемонијата на предавање на акредитивните писма оцени дека Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија во континуитет градат пријателски и партнерски односи, посочувајќи на интензивниот политички дијалог меѓу двете држави и истакнувајќи го фактот дека Германија е најважен економски и трговски партнер на Северна Македонија, со трговска размена преку 4 милијарди евра на годишно ниво.

 

 

Претседателот Пендаровски оцени дека вклучувањето на прашањето за проширувањето во приоритетите на германското претседавање со Европската Унија во втората половина на 2020 година е јасна порака за нашата држава, но и недвосмислен стимул за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи во сите сфери од општественото живеење, а особено во изградбата на правната држава и во борбата со организираниот криминал и со високата корупција.

„Свесни сме дека пред Вашето претседавање со Советот на Европската Унија се исправа најголемиот економски предизвик во историјата на ЕУ, поврзан со заздравување на земјите погодени од коронавирусот. Но, истовремено сме сведоци дека пандемијата уште повеќе ги засили европските чувства на солидарност, единство и одговорност кон Западен Балкан. Во тие рамки, нашите очекувања се до крајот на годината да се одржи првата меѓувладина конференција со што ќе се означи и официјалниот почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија“, рече претседателот Пендаровски на церемонијата.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната германска помош за нашата држава во справувањето со пандемијата од КОВИД-19.

 

 

Амбасадорката Холштајн оцени дека Северна Македонија во изминатите години спроведе важни чекори на патот на евроатлантските интеграции.

„Приемот во НАТО како 30-та членка, важните договори со соседните земји Грција и Бугарија и најпосле зеленото светло за започнување на пристапните преговори со Европската Унија кое одамна требаше да го добиете, се успеси за кои си дозволувам да Ви честитам од сѐ срце. Германија за тоа време Ви беше доверлив партнер, кој Ве поддржуваше со сите расположливи сили. Дозволете да Ве уверам дека така и ќе остане. Можете да сметате на тоа, дека сѐ, за што можам да придонесам како германска амбасадорка лично, и ќе го сторам“, рече амбасадорката Холштајн на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката Холштајн и посака успешно извршување на одговорната функција.