Францускиот претседател Франсоа Оланд изјавил дека е против организирање на референдум околу членството во Европската Унија, по примерот на Брексит, пренесува хрватскиот национален сервис „ХРТ“.
Оланд, во врска со ова прашање, додал дека претседателските избори, закажани за следната година, ќе бидат прилика гласачите да одлучат каква европска политика сакаат.
Во Франција, како што пренесува „ХРТ“ сè погласни се повиците за референдум за ЕУ, откако минатата недела граѓаните на Велика Британија одлучија да ја напуштат унијата.
Водечките политичари во Франција, меѓу кои и министерот за економија, Емануел Макрон и поранешниот премиер и водечки кандидат за претседателските избори, следната година, Ален Жипе, повикуваат на плебисцитарно изјаснување за новиот европски проект. Единствено крајно десничарската партија Национален фронт повикува на гласање за членството на земјата во ЕУ.
Околу 55 отсто од Французите не сакаат референдум за членството во ЕУ, додека 45 отсто сметаат дека тоа е добра идеја, покажуваат анкетите.