ПРИЗМА: Веома врло добро служите „народу“! – Катерина БЛАЖЕВСКА

Сподели

Полицијата не морала да биде толку „скромна“ во битката со „непријателот“. Можела да си ја позајми и Армијата од нејзиниот газда, Ѓорге, додека сѐ уште не е зафатена со мигранти. И не требало два пати да му рече. Веднаш ќе им ја дал.

 

Katerina-Blazevska

Автоматско оружје на борна кола во центарот на Скопје. А страшниот „непријател“, што од гаражите на МВР ја извлекол таа активна скулптура на репресијата, се студенти од Пленумот. Браво за полицијата!

Кога се во прашање студентите, оние сомнителни субверзивни елементи, тешко наоружани со основни студентски барања и со телефони со истрошени батерии, лажно облечени во летни маички и бермуди, а всушност вешто замаскирани врвни непријатели на универзитетот, државата и иднината генерално, полицијата и не морала да биде толку „скромна“.

Можела да си ја позајми и Армијата на Република Македонија од нејзиниот газда, Ѓорге, додека сѐ уште не е зафатена со мигранти. И не требало два пати да му рече. Веднаш ќе им ја дал.

Но, ете, евидентна била и скромноста и „соодветноста“ во употребата на државните, се извинувам, партиските ресурси, штом полицијата се потпрела „само“ на Единицата за брзо распоредување, на колона теренски возила и на една борна кола со митралез.

Поразителна е таа ресорска сиромаштија наспроти раскошните ресурси со кои синоќа располагал непријателот во нашите редови. Пред таква анемична слика на полицијата, и вицепремиерот Владимир Пешевски би можел повторно цврсто да си заспие. И со право. Подобро да хибернира, отколку да го гледа срамот.

„Нејаки“ полицајци, наспроти опасни студентски елементи, раководени којзнае од кого. Во недостиг на оперативни сознанија, би се послужила со вербалната ризница на претседателот: во прашање мора да се странски служби, туѓи игри, центри на моќ или недржавни актери. Никој нормален не вади митралез на улица за џабе.

Се надевам дека на местото каде што вчера беше „одбранета државата“, но и на плоштадите низ Скопје и други градови во земјава, денеска ќе бидат отворени книги на жалост. Се извинувам, мислев книги на радост. Граѓаните, особено партиски подобните студенти, мора да го изразат задоволството од чувството на сигурност и спокојство што толку силно им го рефлектира полициската униформа.

Можете ли да претпоставите какви тешки последици ќе имаше за земјата, ако ЕБР синоќа не пристигнеше навреме? Прво, сонцето повторно ќе изгрееше, но со УВ – индекс 9, наместо 8, како вчера. Второ, Кирил Спировски ќе беше малку мамурен, заради ноќ преспиена на фотелја во СПУКМ.

Ме прашувате – кој е Кирил? Ако досега не сте слушнале за него, од денеска е уште помалку важно. Не го знаеја ни од ЕБР, ама добија налог да го штитат. За ваша утеха, ни тој самиот веројатно не знае кој е. Знае само дека мора да го спроведе сценариото за избор на претседател на Студентскиот парламент, така како што му кажале. Ништо повеќе, ништо помалку. И тој тоа го одработи.

На студентски микро план, тој и СПУКМ, како на некоја генерална проба, најсликовито ни демонстрираа како би изгледале и колку регуларни би биле изборите на макро план – парламентарни, локални или претседателски.

Нѐ уверија дека вирусот на нерегуларности и измами е толку длабоко навлезен во секоја општествена пора, што ни претседател на Куќен совет, а камоли на нешто позначајно, не може да се избере без арбитрарност, нарачка, налог, организиран контингент гласачи, и се разбира – преку интервенција на полицијата за заштита на таквите ујдурми.

Во нормална демократија, министерот за внатрешни работи од денеска би бил третиран како општествено опасна личност, која веднаш мора да замине од функцијата, бидејќи ресорот го злоупотребува за неовластено постапување и во сфери каде што и за него важи знакот СТОП. Како универзитетската автономија, на пример.

Тој нема надлежност да уредува односи меѓу студентите или редовните полициски акции да ги злоупотребува како алиби за да пушта полицајци со калашникови да прават опсади по факултетите, да исфрла насилно студенти од нивни простории, да ги снима учесниците во протестите и врз основа на тие снимки да мотивира поттикнување хајки, закани и притисоци, како и ред други постапки кои врз основа на ваквиот неограничен волунтаризам се претвораат во директна закана на јавниот ред и мир, токму од ресорот кој е задолжен нив да ги штити.

А кога полицијата ќе крене рака врз студенти, тоа е првиот зрел симптом дека почнува одбројувањето на последните денови на власта која негува вакви репресивни методи и идентични профили на полициски функционери.

Целата колумна прочитајте ја на Призма на следниот линк.