Студентите повикуваат на протест, вечерва во 19 чaсот, пред канцеларијата на СПУКМ, кај Студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“. Поддршка на овој протест ќе даде и „Шарената револуција“, чии поддржувачи, исто така, ќе излезат на протест пред Специјалното јавно обвинителство, кое се наоѓа до СПУКМ.
– Ние, студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои вчера баравме праведни и слободни избори за студентски претставници, бевме брутално нападнати и омаловажени. Нашата академска чест беше понижена, нашите индекси скинати! Вчера бевме сведоци на фијаското на „Студентскиот парламент“ при УКИМ, кој оддржа избори за студентски претседател надвор од академскиот календар на Универзитетот, без паравани за гласање, присуство на лица кои не се студенти, без обновен печат, без студентски листи ниту, пак, обежани ливчиња – се вели во повикот на студентите на „Фејсбук“.
Тие додаваат дека и покрај нивното право да добијат одговори, добиле само безмилосно газење од страна на Единицата за брзо распоредување, добиле насилно влечење од просторот кој им припаѓа ним, а од Универзитетот добиле само молк.
Од „Студентски пленум“ бараат МВР веднаш да им ги достави извештаите во кои се согледува зошто беа распоредени специјални единици на мирната блокада која се случи пред просториите на Студентскиот парламент.
– Бараме поништување на изборите за претседател на СПУКМ од страна на изборната комисија на СПУКМ или в.д. претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски. Бараме изјаснување на Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Ректорот и на проректорите, кои мораат остро да ги осудат вчерашните случувања и не смеат да ги признаат овие срамни избори. Бараме непризнавање на претставниците на СПУКМ во раководните тела на УКИМ од страна на УКИМ – бараат од „Студентски пленум“.
Во спротивно, пленумот се заканува дека радикално ќе се бојкотира почетокот на академската година и нема да се уважуваат одлуките на универзитетските тела.