ЗАГРИЖЕНИ А НЕРЕШИТЕЛНИ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

13076662_1003639613054306_5485997660944431789_n-1-2-1-1

По малку станува смешен начинот на кој што странците ни помагаат да ја решиме политичката криза. Еве, пред некој ден преку европскиот амбасадор Аиво Орав уште еднаш ни соопштија дека биле многу загрижени за состојбите во Македонија, односно за немањето на волја и желба кај политичките елити да се спроведат потребните реформи.

За разлика од нивното претходно соопштение, во кое беше изразена “голема” загриженост, овој пат таа беше потенцирана како “силна загриженост”, што на некој начин треба да значи дека сега се уште понезадоволни од однесувањето на македонските политичари кон нивните добронамерни совети да се излезе од постојниот политички ќор-сокак.

Колку што паметам во последните дванаесет месеци, ова беше нивното 33-то укажување, што во вид на изјави или соопштенија од разни амбасадори, меѓународни посредници или странски министерства, за присутна загриженост, што кризата не само што не се помрднува од место, туку и се продлабочува. Таа нивна вознемиреност редовно е проследена и со неколку истоветни фрази во вид на совети: водечките лидери да се раководат од државните, а не од своите партиски интереси, повторно да седнат на заедничка маса и да се договорат околу исполнувањето на Пржинскиот договор и да му се овозможи на СЈО несметано да си ја врши својата работа.

Но, за разлика од европскиот извештај на Прибе, во кој точно беа прецизирани причините за настанувањето на кризата, кој е виновникот и зошто треба да сноси политичка и правна одговорност, во своите натамошни соопштенија, меѓународните претставници ниту со еден збор не ги конкретизираат преземените обврски за спроведувањето, односно неспроведувањето на тој договор, туку дипломатски вешто и неутрално одговорноста се префрла подеднакво и на власта и на опозицијата. На тој начин се овозможи, и обилно се користи вината за застојот и честите прекини на преговарачкиот процес да се префрла од едни на други, поради што доаѓа и до се` пожестоки конфронтации кај поделената македонска јавност околу тоа, кој ја блокира спогодбата од Пржино и кој е главниот виновник за нерешавањето на кризата. Поради тоа остануваат неодговорени многу прашања: кој тоа вршел изборни фалсификати и измами, кој трошел и крадел државни пари за лични и партиски цели, кој тоа можел и спровел прислушкувања на целата држава и кој го партизирал државниот апарат и сите институции на системот.

Во таа констелација, доколку странскиот фактор директно не покаже со прст чија е одговорноста за неуспехот на поголемиот дел од Пржинскиот договор, ќе имаме состојба  на бесконечни јалови преговори, во кои носителите на власта со замена на тезите најбезобразно ќе ја обвинуваат опозицијата за превратнички планови и уривање на државата. И тоа наводно, со истите тие странски влади кои што посредуваат во преговарачкиот процес и кои што наивно очекуваат од развластениот премиер Груевски да се смилува околу потребата за решавање на кризата што самиот ја создал.

Едноставно, својата почетна загриженост, а потоа големата, силна загриженост меѓународните фактори не можат и не смеат во недоглед неодредено и плашливо да ја распоредуваат врз сите политички субјекти во земјата, преземајќи  дури одредени санкции против целата држава и целиот народ, само затоа што немаат доволно храброст Злото да го наречат со вистинското име.

Впрочем, на што личат тие нивни постојани инсистирања да не се попречува работата на СЈО, кога пред нивни очи секојдневно оркестрирано се анатемисува неговото постоење, почнувајќи од највисоките функционери, судии и обвините, медиуми, па се` до локални општински референти, при што се уште е неизвесно дали тоа обвинителство воопшто ќе ја преживее пресудата на Уставниот суд.

На крајот на краиштата, ако навистина се толку загрижени за состојбите во Македонија, како што самите велат, зошто тогаш дозволуваат еден докажано искомпромитиран авторитарен и криминален режим толку долго да ги влече за нос, притоа изложувајќи ги постојано на јавен подбив како претставници на една според нив, бирократизирана Европска Унија, која само што не се распаднала и политчки банкротирала. И вреди ли и понатаму да се губи време во одобролувањето на тој режим конечно да пристапи кон извршување на преземените обврски од договорот во Пржино?