Министерството за култура ги демантира информациите дека постојните фасади на националните установи Македонска опера и балет и Национална и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје ќе добијат барокен изглед.
Од Министерството за култура овие информации ги оценуваат како паушални и невистинити и велат дека станува збор за национални установи чии објекти се изградени според конкретни идејни решенија во втората половина на минатиот век и нивниот изглед е автентичен, па поради тоа нема да има никаква промена на фасадите на овие објекти.
„Министерството за култура континуирано вложува во унапредување на условите во сите установи од областа на културата, а меѓу многубројните проекти, во моментов во тек е целосната обнова на големата сала во Македонската опера и балет, како и проектот за реконструкција на објектот на НУБ „Свети Климент Охридски“, како и целосна обнова на читалните во оваа установа“, пишува во соопштението на министерството.