Гордана Попсимонова: Со криминалците не се преговара – тие се судат

Сподели

timthumb-1-1

1.Кои се главни причини(тели) за македонската политичка криза?

Нема множина, туку само еднина – власта е главниот повод и главниот причинител на политичката криза во Македонија. Груевски сакаше да ја покори државата и тоа во сите нејзини сегменти, а што е уште поопасно, планираше да остане на власт уште децении. Човекот во својата манијачна желба за контрола на сé и сешто, удри во дирек. Сакаше да оди против природните, но и против општествените закони и закономерности, а таквото поведение е иманентно за луѓе со стеснета свест и со авторитарни нагони. Нормално, кога граѓанскиот сектор и цивилното општество му го „вратија ударот“, тој се најде во ситуација на човек седнат на жешка рерна, кој се прпелка во својата немоќ и глупости, повлекувајќи со себе огромен број ни криви, ни должни луѓе. За нив ми е најмногу жал, бидејќи тие свесно прифаќаат да бидат алиби за туѓ криминал и национално предавство.

2. Дали “Договорот од Пржино” придонесува за надминување на кризата?

Формално – да, фактички – не. Договорот беше замислен како правна рамка за разрешување на кризата, но, со опструкциите од институциите покорени од власта, тој се претвори во алатка за нејзино компликување. Основен предуслов да заживее било каков договор е искрената желба и чистата намера, а тоа не се случи. Не се случи затоа што причинителот на кризата беше вклучен како рамноправен партнер во нејзиното разрешување. Зборувам за Груевски кој е создавач на проблемот, а никако не може да биде негово решение. Ова е апсурд сам по себе, бидејќи со криминалците не се преговара. Тие се судат.

3. Во која мерка работата на СЈО (ќе) придонесе за решавање на кризата?

СЈО може да придонесе за решавање на кризата само посредно, затоа што има огромно влијание врз моделирањето на јавното мислење. СЈО е симбол на падот на груевизмот, СЈО е последната надеж на правната држава. СЈО е маскотата на Шарената револуција и СЈО му ја дава неопходната институционална рамка на граѓанскиот револт. Со широката домашна поддршка, која според последните истражувања на јавното мислење на ИРИ изнесува преку 63 проценти, како и со безрезервната меѓународна афирмација, СЈО е најсилниот гарант дека ќе победиме. Дека во Македонија ќе победи слободата, правдата и демократијата.