Бејли: Ако нема одговорност за прислушуваните разговори земјата ќе остане во криза

Сподели

dzes-bejli-540x279

Нашите пораки се исти со тие што ги кажаа пријателите од ЕУ. Сега е најважно да се имплементира Договорот од Пржино и да се отвори пат за изборите од страна на четирите политички партии, вели американскиот амбасадор Џес Бејли во интервју за „Утрински весник“ одговарајќи на прашање, со какви пораки или предлози ќе дојде помошникот-државен секретар на САД, Викторија Нуланд.

Според него, доколку може да се одржат избори, тие не треба да бидат одложени.

-Тие може да ја одведат земјата напред со влада која е целосно легитимна и не е инфицирана од скандали.Ургентните реформски приоритети очигледно се тука, исто така. Постојат старите прашања за владеењето на правото и за медиумите, така што многу е важно владата да исчекори напред околу нив. И трето е прашањето на одговорноста што го вклучува Специјалното јавно обвинителство, бидејќи ако не се воспостави одговорност за прислушуваните разговори и за содржината откриена во нив, земјата ќе остане заглавена во кризата – вели Бејли.

Во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство, Бејли вели дека, дали канцеларијата на СЈО ќе може да спроведе истраги на непопречуван и професионален начин е вистинскиот тест за владеењето на правото во земјата.

– Врз основа на извештаите на ЕУ, на нашите оценки, па и на анкетите на македонските граѓани, постои недоверба во вашиот судски систем. Процесот што се бара е предизвик за судството и според нашето искуство што го имаме од работата со судовите и јавните обвинителства, верувам дека има судии во Македонија кои се сосема способни да процесуираат случаи на непристрасен начин, во согласност со правилата и процедурите. Тоа е вистински предизвик за интегритетот на судскиот систем и одговарањето на тој предизвик ќе ви помогне земјата да оди напред – додава Бејли во интервјуто.