НАТО и ЕУ ќе ја прошируваат соработката во сферата на безбедноста

Сподели

nato-samit

На првиот ден на НАТО-самитот во Варшава, членките на Алијансата усвоија одлука за зголемување на военото присуство во четири држави на Источна Европа.

Се воведува дополнителен мултинационален баталјон во Романија, а членките одлучиле и заеднички да ја координираат одбраната од балистички ракети.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека дополнителните НАТО трупи следната година ќе бидат распоредени во Летонија, Литванија, Естонија и Полска, а во оваа акција ќе учествуваат и војските на САД, Канада, Германија и Велика Британија.

-Тоа ќе бидат силни и мултинационални баталјони. Тие ќе ја покажат силата на трансатлантската врска и јасно ќе стават до знаење дека нападот на еден од сојузниците ќе се смета за напад на целата Алијанса – изјавил Столтенберг.

На првиот ден на самитот во Варшава, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер потпишаа заедничка декларација за новата стратегија меѓу Алијансата и ЕУ.

Документот меѓудругото предвидува посилен одговор на заканите по безбедноста, проширување на соработката во сферата на сајбер-безбедноста и прилагодување на заедничката кооперација на Медитеранот.

– Декларацијата која денеска ја потпишавме испраќа јасна порака, посилна Европска Унија значи и посилен НАТО, а посилен НАТО значи и посилна ЕУ – изјави Јункер.

Во главниот град на Полска се и претседателот на САД, Барак Обама, германската канцеларка, Ангела Меркел како и британскиот премиер, Дејвид Камерон.

– Иако се соочуваме со тешкотии, не смееме да ги заборавиме извонредните постигнувања од европската интеграција на земјите-членки. Во секоја држава на ЕУ владее демократијата и ниту една земја на ЕУ не посегнала по друга земја со оружје. Интегрирана Европа е една од најголемите достигнувања на модерното време и тоа мора да биде сочувано – изјавил Обама.

meta.mk