Германската разузнавачка служба БНД шпионирала илјадници цели во држави од ЕУ и НАТО се` додека на крајот на 2013. година таа пракса беше забранета. Една истрага утврди дека многу акции биле несразмерни.
Извештајот на контролорите од Бундестагот, нивните сознанија и оцени за фактички забранетата „шпионажа на пријателите“, фрлаат досега единствен поглед во деталите и заднината на работењето на германската разузнавачка служба БНД. Регулативата за нејзината работа содржи многу исклучоци и „дупки за провлекување“. Иако во извештајот наПарламентарната контролна комисија не се наведени оперативни детали и имиња на конкретни шефови на држави или на влади, министри или институции на ЕУ, она што е напишано во 22-те страници на извештајот веројатно е интересно за сите држави, организации и институции кои можат да претпостават дека со години биле цел на германска шпионажа.
Најважните сознанија од истрагата
Ова се најбитните сознанија до кои дојде работната-група на Парламентарната контролна комисија за анонимизирано претставените поединечни случаи.
-СТРАНСКИ ВЛАДИНИ УСТАНОВИ: На листата од околу 3.300 цели на шпионирање од страна на БНД во држави на ЕУ или НАТО, се и една пониска двоцифрена бројка на шефови на држави или на влади односно министри од тие земји или од нивното опкружување. Биле прислушувани официјалните резиденции, штабови или бироа, како и различни установи.
-ВЛАДА: Контролорите го оценуваат прислушувањето на еден неименуван шеф на држава или на влада и на неговите блиски соработници како несоодветно. Прислушувањето започнало во фонот на некој случај на киднапирање и БНД се надевала дека ќе дојде до информации за меѓународниот тероризам. Акцијата, која не донела употребливи резултати, БНД ја образложува дека спаѓа во неговите клучни задачи. Контролорите критикуваат дека „со таква аргументација, која дозволува разузнавање дури и на најсензибилни политички цели за по тој (заобиколен) пат да се добијат информации за релевантни теми и земји, би било можно речиси неограничено разузнавање на политички актери ширум светот од кои потенцијално може многу да се очекува“. Освен тоа, според контролорите, не можело да се види дека „биле одмерувани можната разузнавачка додадена вредност на информациите од една, и политичките ризици од друга страна“.
-МИНИСТЕРСТВО: Повод за таа анализирана акција биле информации за транспортите на оружје кои оделе низ таа земја, како и за соработката со полицијата во кризните држави. Отрезнувачкото резиме е дека повеќегодишнното прислушување донело релевантни резултати „во многу скромен обем и од само една и-мејл адреса“. Акцијата спрема тоа министерство, според контролорите, била несоодветна оти таа земја не спаѓала меѓу оние што се наведени како важни цели во профилот на задачи на БНД утврден од Сојузната влада. И во овој случај изостанало одмерување на можната добивка со политичкиот ризик. Разузнавачката задача на БНД „во тој поглед не оправдува толку далекусежна интервенција спрема еден партнер“.
-ИНСТИТУЦИЈА НА ЕУ: Бројката на цели на разузавање во институции на ЕУ била „прегледна“, но контролорите дошле до недвосмислен резултат дека „нема било какво оправдување за прислушување на таа институција на ЕУ, така што мерката била несоодветна“.
Цел на акцијата била да се добијат информации од кризни земји. Но, далеку повеќе од половината од информациите биле само компилација на дневни вести објавувани во медиумите кои се однесувале на аспекти на различни ЕУ-институции. За контролорите е спорно образложенито за прислушувањето (дека Германија меродавно учествувала во таа институција со испраќање свои соработници), но посебно проблематичен им е фактот дека БНД тука „свесно и целно прислушувала најмалку еден германски државјанин“. Со закон е забрането шпионирање на германски државјани во странство од страна на германската разузнавачка служба без дозвола од таканаречената Г10-Комисија на Бундестагот.
-ДИПЛОМАТСКИ ПРЕТСТАВНИШТВА: На оваа категорија отпаѓаат повеќе од две третини од сите цели на шпионажа на БНД во врска со ЕУ или НАТО. И тука контролорите извлекуаат заклучок за несоодветност во испитуваниот случај и отсуство на релеватни разузнавачки информации од повеќегодишната акција.
-НЕВЛАДИНИ ОРГАНЗАЦИИ И СТОПАНСТВО: Во прашање е средно висока двоцифрена бројка на организации и установи од областа на воздухопловство и вселенски летови, вооружување, транспорт, медиум и консалтинг. Не се наведени подробности за медиумите. Случајната проба кај невладините организации се однесувала на една во која членува Германија. Информациите што ги понудила БНД, според контролорите, можеле да се добијат и по „директен пат или преку германското министерство за надворешни работи“. Според поранешни потврдени информации, БНД ги шпионирала и Меѓународниот кривичен суд во Ден Хаг, УНИЦЕФ -организацијата на ОН за децата, како и Светската здравствена организација.
-ПРЕТПРИЈАТИЕ: Претпријатието од листата на БНД, кое било проверено од контролорите, е од областа на воздухопловство и вселенски летови, вооружување, транспорт и консалтинг. Тука содржински биле сфатливи очекувањата да се добијат важни информации, акцијата била соодветна и донела сознанија. Но, и во овој случај не била одмерена можната додатна вредност на разузнавачките информации наспроти политичките ризици. Во медиумите уште порано беше наведено дека ЕАДС, претходникот на денешниот Ербас, бил цел на БНД.