Како дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, синоќа во Куќата на Уранија беше отворена изложбата на филиграни на авторката Мирјана Николоска, насловена „Филигранска приказна“.
Изложбата ја отвори градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Мотивите на делата на Николоска се црпени од флората и од фауната, од македонското народно творештво, релјефи, мозаици, но и од реплики на парчиња што би можеле да се носат како накит.
– Изложбата содржи 18 поголеми дела и 20 помали. Конкретно, овие дела ги работев макотрпно цела зима. Применета е филигранската техника, а инспирацијата ми е од културното наследство на Македонија. Јас како изведувач, уметник, ова го работам во последните десет години. Материјалите што ги користам за овие дела се природни, преовладува срмата, која порано се користела за везење на народните носии – вели Николоска.
Николоска веќе има реализирано неколку самостојни изложби низ повеќе градови во земјава, а нејзините дела се изложени во повеќе наши сувенирници во Скопје, Охрид и во Вевчани.