Ако добро пресметате, „Кирчо“ бил многу побрз од Македонија. Со него од Скопје до Охрид можело да се стигне за 18 часа, а ние од Скопје до Брисел не можеме да стигнеме ни по 11 години, ако се има предвид дека натаму тргнавме уште во 2005 година.
Еврокомесарот Јоханес Хан во таа врела јулска ноќ го пропушти полноќниот лет за Брисел. Погледнуваше наизменично во часовникот и во непопустливите изрази на лицата на соговорниците. На крајот се откажа од трката со времето. Ако може Македонија да пропушти една цела деценија, неумесно е пред креаторите на тој тежок минус во државниот биланс, тој да ламентира заради пропуштен лет. Гледано од денешен аспект, мислам дека за џабе го пропушти авионот.
Но таа вечер, тоа на сите ни изгледаше како корисна штета, бидејќи неговата упорност на крајот даде резултат: по 12-часовни тешки маратонски разговори, македонската лидерска четворка конечно постигна политички договор во европската резиденција во скопско Пржино. Основниот договор беше потпишан еден месец претходно, на 2 јуни, дополнет со анекс на 19 јуни, а на 15 јули крунисан со финален протокол, зад кој останаа полни пепелници со отпушоци, додека потоци од разни суети (повредени или пренагласени) се слеваа по скалите на резиденцијата. Лидерите божем ликуваа, камперите се спакуваа, граѓаните здивнаа, „бомбите“ стивнаа, летувалците заминаа…
Текстот во целост прочитајте го тука
Катерина БЛАЖЕВСКА