Почнаа преговорите во Пржино, партиите резервирани

Сподели

collage-pregovori-przino-860x680

„За договор сме дојдени“, изјави Артан Груби од ДУИ пред почетокот на денешната рунда преговори на претставниците на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино во резиденцијата на Европската Унија, која што почна претпладнево.

На прашањето на „Мета“ дали денеска очекуваат да се постигне договор, заменик-претседателската на СДСМ, Радмила Шекеринска, само кусо изјави „Ќе видиме“.

Имер Алиу од ДПА и Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не сакаа да одговорат на прашањето.

Пред да пристигнат претставниците на работните групи на политичките партии, во резиденцијата на ЕУ во Пржино пристигнаа амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.

Насмевка беше нивниот одговор на прашањето дали се оптимисти дека денеска конечно ќе се постигне договор.

Инаку, на денешната средба се очекува да се разговара за ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада, за кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат сосема различни мислења.

Опозициската партија бара целосни ингеренции за министерот, додека ВМРО-ДПМНЕ е за ограничени овластувања.

Според последните информации, договор е постигнат за избирачкиот список, за ад хок телото за контрола на медиумите и за главен и одговорен уредник на јавниот сервис.

meta.mk