Напаѓачот кој во Ница усмрти 84 лица е Мохамед Лахуаеј Булел (31), кој имал двојно државјанство, на Франција и на Тунис, и живеел на северот на Ница, објави весникот „Ница матен“.
Како што се наведува, Булел пред нападот работел како возач во курирската служба, татко е на тригодишно дете и на полицијата ѝ е познат по „деликвентно однесување“. Според полициската документација, тој не бил означен како личност која поминала низ радикализација.
Неговиот стан бил претресен рано утринава, а полициските тимови се обидуваат да утврдат дали имал помагачи. Неколку негови роднини се приведени на сослушување.
Медиумите наведуваат дека Булел бил роден во Тунис, но дека долго време живеел во Ница. Властите во Тунис соопштија дека напаѓачот не е на нивните листи на лица поврзани со тероризам.
Полицијата по нападот пронајде документи на две лица во камионот. Едната лична карта му припаѓала на Булел, но не е познато чија е другата лична карта.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, прогласи тридневна жалост, а знамињата ќе бидат спуштени на половина копје, информираше Елисејската палата на „Твитер“.