Приведени двајца фалсификатори од Камерун, пронајдени околу еден милион фалсификувани евра

Сподели

 

На 08.10.2021 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за гранични работи и миграции на Граничен премин  „Меѓународен Аеродром“ – Скопје, при влез во државата, ги лишија од слобода Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40), двајцата од Камерун, поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување “.

 

 

Имено, при пасошка контрола на пријавените, кои допатувале од Милано, извршена им била  дополнителна гранична контрола и при преглед на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечени парчиња хартија на кои од двете страни е отпечатен  дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 463 парчиња со  дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 213 со дизајн на банкноти од 500 евра, 2 исечени парчиња хартија на кои од едната страна е отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба.

 

 

При преглед на багажот кај М.Б.С. пронајдени се 2.072 исечени парчиња хартија со црна позадина на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 247 со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра,  како и 1 француска лична карта на име К.В.С. и 1 камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити.

Пронајдените предмети се одземени и предадени  на вештачење во Народна банка и Одделот за за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР, при што било утврдено дека примероците  се имитации на евро банкноти со различна апоенска вредност, кои се изработени со користење на професионална опрема. Исто така, од извршената експертиза од страна на Народната банка е констатирано е дека тие претставуваат примероци во рана фаза од изработката на фалсификувани евро банкноти  со апоенска вредност од 50, 100, 200 и 500 евра.

Поради тоа што кривично-пријавените предметите неовластено ги поседувале со намера истите да ги внесат на територијата на нашата држава за да се искористат за правење на лажни пари во вкупна вредност од 902.150 евра, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје , поднесе кривична пријава против двете лица поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ по чл.271 ст. 2 од Кривичниот законик.