Во периодот од 7 до 8 октомври 2021 година на УК за Кардиологија, за првпат во Република Северна Македонија беа направени процедури на радиофреквентна аблација на преткоморна фибрилација со помош на 3Д мапинг систем од страна на експерти аритмолози-електрофизиолози, со сто отстотна успешност.
Оваа револуционерна техника овозможува ослободување од преткоморната фибрилација и намалување на компликациите со процент на непосредна успешност од 95 до 99 отсто. Кај повеќе од 80 отсто од пациентите, отсуството на преткоморна фибрилација се забележува и по период на следење од 12 месеци, што јасно укажува на високата успешност на техниката, информираат од Министерство за здравство.
“Денеска, додека во тек беа дел од процедурите имав прилика да поразговарам и со младите колеги на Клиниката. Радиофреквентна аблација на преткоморна фибралација со помош на 3Д мапинг систем е минимално инвазивна техника, а со помош на оваа интервенција се намалуваат компликациите од откачување на тромб што можат да предизвикаат и мозочен удар. Овој тип на аритмија ја зголемува смртноста за 1,3 до 3,5 пати. Намалувањето на компликациите со процент на непосредна успешност е од 95 до 99 отсто. Кај повеќе од 80 отсто од пациентите, по оваа метода не се забелжува повторно јавување на аритмија во период и после една година”, изјави министерот Венко Филипче.