По неодамнешната средба меѓу секретарот Блинкен и високиот претставник Борел, Соединетите држави и ЕУ се согласија дополнително да го зајакнат нивниот заеднички ангажман на Западен Балкан за поддршка на напредокот на регионот на европскиот пат.
„Ја подвлекуваме нашата целосна поддршка за процесот на проширување на ЕУ. Пристапувањето кон ЕУ, наведен приоритет за целиот Западен Балкан, помага во консолидација на демократските институции, заштита на основните права и унапредување на владеењето на правото. Овој регион припаѓа на Европската унија. Поблиската интеграција ќе ја зајакне стабилноста и ќе придонесе за просперитет на луѓето од регионот. Во овој контекст, нагласуваме дека пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање“, стои во соопштението на Стејт департментот.
Од таму нагласуваат и дека Соединетите држави и Европската унија се обединети во нивната цврста поддршка за територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и во нивната заедничка работа за промовирање на изборни и уставни реформи и одржување на функционалноста на државните институции.
„Имаме сериозна загриженост во врска со значително растечката поделбена реторика во Босна и Херцеговина. Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат и заштитуваат државните институции, да продолжат со конструктивниот дијалог и да преземат чекори за унапредување на напредокот на интегративниот пат во ЕУ – вклучително и релевантните реформи. ЕУ и САД се подготвени да ги олеснат овие чекори,“
По последните тензии на северот на Косово, во соопштението нагласена е и важноста на дијалогот меѓу Србија и Косово олеснет од ЕУ, со цел да се обезбеди континуирана и одржлива деескалација и да се избегнат дејствија што ја загрозуваат стабилноста.
„Го поздравуваме и поддржуваме ангажманот на Косово во борбата против корупцијата и организираниот криминал и повторуваме дека насилството врз цивили, новинари, полиција или други власти е неприфатливо“.
Од Стејт департментот на САД исто така упатија и повик до сите политички сили во Црна Гора заеднички да се ангажираат за постигнување на реформите неопходни за да ги остварат нивните надежи за иднина во ЕУ.