Крстески: Потпишан е Договор за соработка со архивите на Италија

Сподели

 

Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески и генералната директорка на Генералниот директорат на архивите на Италија, д-р Ана Мариа Буѕи, во Рим потпишаа четиригодишен Договор за соработка меѓу овие две институции.
 
 
 
 
Со Договорот, кој се темели врз Меѓународниот етички кодекс на архивистите, усвоен во Пекинг во 1996 година од страна на Меѓународниот архивски совет, е опфатено унапредувањето на научно-историската и професионална соработка, реализирањето заеднички проекти, размената на експерти, како и унапредувањето на заемната меѓународна соработка во областа на архивистиката.
 
 
 
 
Пред потпишувањето на овој Договор, директорите на двата Архива, разменија мислења и искуства за нивното функционирање во современите техничко-технолошки услови и за актуелните проблеми со кои се соочува архивската дејност.
 
“Договорот за соработка меѓу двата Архива, што официјално го потпишавме во Рим, претставува нова, солидна основа за успешни контакти со италијанските колеги, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Тој, истовремено, е значаен дел и е во согласност со таканаречената Петта програма за соработка во областа на културата, образованието и науката меѓу двете земји до 2024 година” – изјави по средбата директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, кој имаше и одвоена средба и разговор и со директорката на Државниот архив на Рим, Мариа Беатриче Бенедето.
 
 
 
 
Со неа беше конкретно разговарано за скорешна размена на студенти и експерти меѓу двата Архива, што би се реализирало и во рамките на утврдената соработка меѓу Министерствата за култура на двете земји.
На средбите и разговорите учествуваше и нашиот в.д. Амбасадор во Република Италија, Звонимир Поповиќ.