Собранието денеска треба да гласа за недоверба на Владата

Сподели

 

Денеска во 11 часот ќе започне седницата во Собранието, на која треба да се гласа за недоверба на Владата предводена од актуелниот премиер Зоран Заев.

Опозицијата ја поднесе иницијативата за гласање недоверба откако премиерот Зоран Заев по вторит круг од локалните избори најави дека ќе се повлече, но не ја поднесе оставката. Првичната иницијатива беше со 61 потпис од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Беса и Левица. Меѓутоа, пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива, реагираше дека не сака неговиот потпис да биде заедно со лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека нова иницијатива, како што првично предложи ВМРО-ДПМНЕ, може да се поднесе после 90 дена, опозицијата реши од тактички и технички причини дел од пратениците да ги повлечат своите потписи. Потписите ги повлекоа 17 пратеници, меѓу кои и Апасиев, по што Алтернатива вчера соопшти дека нејзините четири пратеници на денешната седница ќе гласаат за недоверба на Владата.

На седницата, како што е предвидено во Деловникот за работа на Собранието, по поставеното прашање за доверба на Владата се води претрес. Право да го образложи прашањето за доверба на Владата има еден од пратениците кои го поставиле прашањето во траење од најмногу 30 минути. Редоследот на пратениците по пратенички групи и пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218 од Деловникот. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.