Со кого ќе се гушнете на последната станица? – Соња Ајановска Деловска

Сподели

 

 

Секогаш кога ќе се заострат меѓуетничките и човечките односи во државава, непосакувано непријатно нѐ изненадува по една трагедија, во која учесници сме сите етникуми што живееме заедно. Да не се навраќам во минатото, сами ќе се присетите колку тага и бол се преживеани во состојби кога трагедијата не бира кого ќе го покоси. И тогаш, како некое длабоко всадено чувство на човечност длабоко од утробата проработува кај сите нас. Се слушаат крици и воздишки по изгубени животи, по тешки судбини и желба да се помогне секому. На секој човек поединечно и заедно, без разлика колку години има, дали е сиромашен или богат, дали е македонец, албанец, ром..Сите живееме на една почва и сите делиме иста судбина.

Никако да престанеме да се натпреваруваме во глупави олимписки дисциплини: чие знаме е поважно, чиј јазик е првостепен, кому оваа земја е мајка а кому маќеа, за која партија гласал? Зарем не гледате дека децата се раѓаат тука, првите чекори се на ова тло, првиот збор му е на мајчин јазик, другарувањата се по сопствена желба, образованието и младоста се проткаени со сопствен избор, женачките и свадбите се со најразлична музика која ја свират мешаните оркестри, децата и внуците ни се заљубуваат во човек, семејствата се чуваат како светост, патуваме низ животот заедно сѐ до последната станица од која враќање нема.

И зошто тогаш ние самите бираме патувањето кое што ни е подарено само еднаш на овој свет да го арчиме на неубави, непродуктивни, немирни и вознемирувачки содржини? Еднаш засекогаш седнете и размислете што би правеле доколку од почеток почнувате да живеете? Седнете, мислете мирно и трезвено.

Трагедијата што се случи ја дигна целокупната јавност на нозе. Некого го кутна на коленици, а некого го кутна и во мислите.

Најгорливиот проблем во оваа држава е национализмот, нечовечноста и неодговорноста. Колку погрдни зборови и уште колку погрди чувства. Да ги носиш во себе, значи да си отруен. Отруен и да ги труеш другите околу себе. Никако да се искоренат еднаш засекогаш. Да се спалат на клада, да изгорат и повеќе никогаш да не пуштат корен. Сетете се колку години наназад тие владеат и надвладуваат со нас? Страшно, просто непростливо.

Погледнете ги луѓето кои живеат без трошка предрасуди, национализам и одговорност. Зарем не ви изгледаат убави, чисти и праведни луѓе? Зарем од нив не можете да прелепите ниту еден епитет, еден убав гест или да си го очистите образот како нив со пружена помош, искрено од срце? Првиот пат е тешко, но потоа ќе увидите дека тоа е соема природно и ќе се ослободите од сите стеги.

За одговорноста на било која институција или човек банално е веќе да се разговара во државава. Никој досега не поднесе одговорност за ништо. А тоа влече многу трагедии и животи. Исто како и национализмот. Тие се метастазирани во ова општество. Рак рана. И се додека тие се поставени на оваа точка од која не се трнува напред и не се претворат во “е нема така да пројде”, причините и последиците ќе бидат тешки и кобни.

А ние имаме една желба сите заедно да патуваме во еден автобус наречен живот! Без презир, со многу љубов!

Да им одадеме почит на загинатите денес, нека почиваат во мир. Македонија е завиткана во црно и во голема тага.

” Сите се возиме во ист автобус, кој денес, кој вчера, некој утре. Кога пишувам за љубов, мислам за сите луѓе што се возиме во автобусот наречен живот. Овој ден е мрачен и тажен но, и секој нареден кога мрзите некого кој не ви е во домот, а тоа е омраза кон другиот, туѓиот со кого сте заедно во автобусот. Не можете да знаете кога ќе се качите и каде ќе стигнете, со кого ќе се гушнете на последната станица.
Не ни се потребни вакви денови за љубов, секој ден е потребно да се возиме и сакаме. Денес ќе тагуваме. “

Соња Ајановска Деловска