По неуспешниот пуч на војската во Турција, кружат различни гласини. Раководителот на фондацијата Хајнрих Бел во интервју за Дојче веле зборува за теориите за заговор и последиците од пучот за турската демократија.
Дојче веле: Во моментов гледаме бројни слики на демонстранти- приврзеници на Ердоган, кои го слават неуспехот на обидот за пуч. Дали на улиците на Истанбул има и други гласови?
Кристијан Бракел: Има и многу критички гласови, но помалку на улиците, а повеќе на социјалните медиуми. Земјата е длабоко поделена. Тоа јасно се отсликува преку два хаштага на Твитер. Едниот бара „смртна казна за пучистите“, и главно го користат националистите. Другиот е „никаков пуч, само театар,“ кој го користат сите кои се сомневаат дека пучот всушност го изрежирала самата влада. Тоа покажува дека краткиот момент на единственост за време на пучот, веќе е минато.
Дојче веле: Значи, многу луѓе веруваат дека зад овој прилично дилетантски воден обид за пуч се крие Ердоган? Тоа на некој начин го покажува и нивниот став кон владата?
Кристијан Бракел: Во Турција постојано курсираат мноштво теории на заговор – тоа само по себе во случајот не е ништо посебно. Интересното во случајов е што довербата во владата на Ердоган кај нејзините противници е толку мала, што сметаат дека е способна за такво нешто.
Дојче веле: Што мислите Вие? Можно ли е Ердоган да бил на било каков начин замешан во пучот?
Кристијан Бракел: Ако ги погледнете сликите на претседателот во моментов кога ја дава првата изјава преку СиЕнЕн-Турк: тој седи во некој вид фотокабина и зборува преку својот мобилен телефон. Мислам дека претседателот, кој добро го разбира влијанието на медиумите, би избрал друг медиум, наместо овој полуаматерски настап, кој во тие моменти не го прикажува како многу силен. На снимките се гледа човек кој не изгледа дека во моментот ја има ситуацијата под контрола. Тоа секако зборува спротивно на теоријата дека зад пучот се крие владина режија.
Освен тоа, многу докази наведени во прилог на ваквата теорија на заговор, не се никакви докази. На пример, за еден пуч не се воопшто потребни толку многу луѓе колку што се претпоставува. Треба да се погрижите другите делови од армијата и безбедносните сили да бидат доволно неинформирани, за да не можат да интервенираат. Пучистите делумно се обидоа тоа да го направат.
Досега не постои никаков доказ за замешаност на Ердоган, јас тоа го оценувам за исклучително малку веројатно.
Дојче веле: Што сметате за веројатно?
Кристијан Бракел: Моментно претпоставката оди во правец на она што самиот Ердоган го изнесе на прес-конференцијата на аеродромот: на почетокот на август армијата има годишна конференција, на која се дискутира околу унапредувања и пензионирање. Според Ердоган, постоеле гласини дека одредени личности ќе бидат длабоко погодени од претстојните одлуки. Значи, не е неверојатно, меѓу нив да биле оние кои сега се здружиле во пучот. Но, ова е само шпекулација, зашто досега не ги чувме нивните имиња.
Дојче веле: Колку поразот на пучистите ќе го зајакне Ердоган?
Кристијан Бракел: Без дилеми, тој повторно го зацврсти имиџот на човек кој ги премостува сите проблеми и може да ја стави земјата под контрола: херој кој опстојува и се докажува против сите отпори, исто и против старите елити во земјата, во кои спаѓа и војската. Тоа е исто така важен сигнал кон неговите партиски колеги од исламско-конзервативниот спектар. Тој јакне и не би ме чудело ако воведувањето претседателски систем повторно добие поттик, дотолку повеќе што многумина поранешни критичари на оваа идеја во АКП, сега би можеле да ја поддржат.
Дојче веле: Веќе се уапсени преку 6.000 осомничени. Меѓу нив не се само воени лица, туку и судии и обвинители. Уште пред пучот Ердоган беше обвинуван за недемократски постапки. Во кој правец ќе се развива земјата?
Кристијан Бракел: Малку веројатно е сите овие личности од правосудството да имаат ненаква врска со пучот. Тоа се луѓе кои можеби имаат добри врски со движењето на Фетулах Ѓулен и се критички расположени кон владата. Тоа што сега се користи приликата и што веројатно одамна постои листа на овие личности, не е воопшто добар знак за иднината.
За ниедна земја не е добро ако на нејзино чело стои личност која не подлежи речиси на никаква контрола. Не е проблем претседателскиот систем, него го има и во други држави, туку паралелното обезвластување на парламентот и кратење на независноста на судството. Ако одлуките во земјата зависат само од мал број личности, а за опозицијата речиси не останува воопшто простор, тогаш тоа не може да излезе на добро.
Кристијан Бракел е дипломиран исламолог и ја раководи фондацијата Хајнрих Бел во Истанбул.
Автор Николас Мартин, dw.com