Претседателот Стево Пендаровски се обрати на свеченото одбележување на јубилеите „75 години Филолошки факултет“ и „100 години од раѓањето на Блаже Конески“ што се одржа во Македонскиот народен театар во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
На свечениот настан, на претседателот Пендаровски му беше врачена плакета во знак на особена благодарност за континуираните напори и за придонесот во развојот на високообразовната и научната дејност, како и за несебичната поддршка и афирмација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје во земјата и во странство. Беше прикажана и балетската претстава „Меѓусвет“ (Убавите жени) инспирирана од поезијата на Блаже Конески чија кореографија и режија ја подготви Рисима Рисимкин.
На крајот сме од годината во која одбележуваме 100 години од раѓањето на Блаже Конески, еден од носечките столбови на современите образовни, научни, културни и уметнички политики кај нас, кој заедно со Михаил Петрушевски, Харалампие Поленаковиќ и неколкумина други се основополжници на Филолошкиот факултет и трајни патокази за идниот развој на филолошките науки, како интегрален дел на хуманистиката.
Филолошкиот факултет низ сите овие децении од своето постоење бил јадрото кое стои наспроти културата на заборавот, негирањето и тишината, промовирајќи ја културата на дијалогот. Без било каква задршка можеме да кажеме дека Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ претставува парадигма за критичката педагогија, имајќи ги на ум сите авторитети – професори, научници, студенти, јавни личности, кои во изминатите седум и пол децении посветено го граделе неговиот научен и креативен идентитет.
Многу нешта се кажани и напишани за научното, книжевното и воопшто, општественото значење на Блаже Конески. Но, во неговиот случај, никогаш не е доволно. Затоа што станува збор за повеќеслоен опус во кој се наоѓаат битни толкувања на нашето минато и нашата современост. Секогаш кога зборуваме за Конески како втемелувач во сферата на филолошките, лингвистичките и хуманистичите науки, мораме да го издвоиме неговото комплексно разбирање на современоста, која ја создава во нераскинлива врска со наследеното, со народното, духовното, книжевното.
Храброст е да се оди кон нови стилски и мисловни синтези кои ќе се вклопат во поставеноста на, како што велеше Конески, „снагата на литературниот јазик“. Храброста на Конески во неговиот лингвистички и книжевен израз не е импулсивна, како што честопати знае да биде, туку почива врз длабоко промислување и стратешко и одговорно делување.
Блаже Конески останува современ за сите времиња. И затоа немам сомнеж дека Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, ќе остане современ и траен за сите времиња, изјави претседателот Стево Пендаровски.