Ковачевски: Доаѓа ново време – унапредување на економијата и квалитетот на животот

Сподели

 

“Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш, ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин. Најавив и цврсто остануваме на нашиот модел за ефикасно управување и транспарентно, фокусирано и базирано на резултати.

Со работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетската криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа, на која ќе разговарам за забрзување на евроинтеграциите.

 

Веќе во вторник, на мое огромно задоволство, ќе бидам домаќин на новиот бугарски Премиер, г-динот Петков, со кога сакаме да воспоставиме нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност.

Веднаш потоа, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции.

Секој министер во својот ресор и целата Влада, имаат јасен и прецизен План за реализирање на поднесената Програма, со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.

Најавив и нудам модел на партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа и консензус за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме, и бараме сите да ни се приклучите да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и на ширење и поттикнување на песимизам. Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси на страна бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните.

Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам многу здравје, мир и спокојство во семејствата и ветување дека ќе направиме се да ја заслужиме и оправдаме нивната доверба и да обезбедиме подобар живот за сите.Доаѓа ново време, доаѓа подобро време”, изјави премиерот Ковачевски.