ИЗБОРОЛОГИЈА – Преку друштвена игра до поголема политичка едукација на младите

Сподели

 

Младите луѓе од Република Северна Македонија активно учествуваат во изборните процеси во земјава, покажуваат последните статистики според кои секој втор млад човек редовно гласа на избори (53%), а на последните парламентарни избори во 2020 година, гласале високи 74,7%. Сепак, од друга страна повеќе од половина од младите луѓе (56%) ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјата. Тоа значи дека голем дел од младите неифнормирано се вклучуваат во изборните процеси, што укажува на ниска политичка свест и едукација помеѓу младите.

 

 

За унапредување на ваквата состојба, односно зголемување на политичката едукација кај младите, Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) и Фондација Конрад Аденауер ја креираа првата он-лајн друштвена игра за политичка едукација „Изборологија“. Играта овозможува да „влезете во чевлите“ на лидер на замислена политичка партија и да учествувате во парламентарните избори во нашата земја. Примарна целна група за која е наменета играта се млади гласачи или млади кои допрва треба да добијат гласачко право, но играта е достапна и за сите останати заитнересирани.

 

 

„Изборологија претставува добра можност преку игра да се запознае политичкиот систем на земјата. Особено е интересно што играчите се соочуваат со реални предизвици, што се дел од изборна кампања и политичките партиски активности во Северна Македонија.“, изјави Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондација Конрад Аденауер во Северна Македонија

Со креирање на кориснички профил за играње на www.izborologija.mk и играње на играта заедно со други корисници, играчите имаат можност поблиску да се запознаат со политичкиот систем во нашата земја, да разберат како функционира парламентарната демократија, како се спроведуваат изборите за пратеници во Собранието на нашата земја и на кој начин политичките партии учествуваат во парламентарните избори.

 

 

Програмскиор директор на Здружение ЛЕАД, Илија Станковски наведе дека како организации кои нудат политичка едукација за млади низ годините, сметаат дека моделот на „гејмификација“ ќе биде добро прифатен од младите во нашата земја.

„Нискиот степен на политичка свест и едукација кај младите е сериозен проблем и важно е да биде креативни при решавање на истиот. Традиционалните форми на едукација веќе не даваат големи резултати, па затоа го креиравме овој модел на учење преку игра, бидејќи тоа е она што е прифатливо за младите.“

Во моментов играта „Изборологија“, по две недели од официјалното објавување, има повеќе од 200 кориснички профили. За да се доближи играта до младите и да се поттикнат да ја користат „Изборологија“ како алатка за политичка едукација, во моментов е отворен повик за учество на турнир во играње на „Изборологија“ кој трае до 20.01.2022 година, а ќе се спроведе во периодот од 24.01. – 28.01.2022 година. Заинтересираните можат да се пријават на следниов линк: https://lead.org.mk/calls/call-4