Летечкиот автомобил „AirCar“ доби сертификат за летање во Словачка

Сподели

 

Летечки автомобил што може да достигне брзина од 160 километри на час и да лета на висина од над 2,5 километри го доби својот сертификат за летање од страна на Транспортната управа на Словачка.

 

 

Хибридниот автомобил – авион, наречен „ЕрКар“ (AirCar) поседува мотор на „БМВ“ (BMW) и работи на обично гориво, пишува „Би-би-си“.

На возилото му се потребни две минути и петнаесет секунди за да се трансформира од обичен автомобил во авион.

Сертификатот за летање следел после 70 часа тестирање на летови и над 200 полетувања и слетувања, соопштија од компанијата. Неговиот креатор вели дека сертификацијата ја отвора вратата за масовно производство на многу ефикасни летечки автомобили, со што патувањето на средно растојание може да се промени засекогаш.

Во јуни минатата година, прототип на овој автомобил го имаше првиот меѓуградски лет во Словачка, летајќи од градот Нитра до главниот град Братислава. Од компанијата изјавиле дека во блиска иднина планираат автомобилот да може да лета од Париз до Лондон.

И други компании развиваат возила кои можат да летаат и да се возат по патиштата, и покрај предупредувањата за сигурноста на овие автомобили и ризикот по безбедноста на луѓето. Во октомври 2020 година, моделот „Liberty“ на холандската компанија „PAL-V“ доби овластување за користење на патиштата во Европа. Со ова, PAL-V Liberty стана првиот летечки автомобил кој се стекна со правото да излезе на европските улици со свои регистерски таблички.

 

meta.mk