Во древнa Индија, една жена со години се молела пред богот Брахма за да и даде големо богатство и моќ. По повеќе години слушнала еден глас од небото: „За да бидеш најбогата треба да отидеш кај црвената пештера“.
Жената го зела детето со себе и веднаш тргнала кон пештерата. Што да види?! Внатре огромно богатство од злато и дијаманти. Таа веднаш почнала да полни сѐ што имала со себе. По некое време пак се слушна глас од небото: „Побрзајте, оти пештерата наскоро ќе се затвори“. Жената занесена продолжила да полни. Повторно гласот: „Внимание, пештерата почна да се затвара“. Но, алчната жена под еуфорија морала да зграпчи и едни блескави дијаманти. Но, таквиот блесок веднаш ѝ се затемнил, кога видела дека детето и останало внатре зад огромниот камен кој неповратно ја затворил пештерата!
И кај нас страста за богатство направи да ги загубиме најдобрите деца кои насекаде се барани, освен во својата татковина! Поради таква алчност покриена со патриотиам, нам ни требаше 30 години да го решиме спорот со Грција. Толку долго животот на обичните луѓе се третираше како отсуство на смрт. А сега гледаме дека ништо не е загубено! По инерција и сега едни сили го злоупотребуваат спорот со Бугарија, па во име на возвишеното тераат вода во воденицата на бугарските националисти!
Од логична гледна точка, спорот со Софија припаѓа на далечното минато. По таа логика Србите би им забраниле на Хрватите, Бошњаците и Црногорците, нивните јазици да ги нарекуваат како што самите сакаат. Слично би постапиле и Германците со Швајцарците и Австријците! Британците со Ирците! Русите со Украинците! Чесите со Словаците, итн.
Но, повиот бугарски премиер Кирил Петков најави „дебалканизација“ на спорот, оти на Харвард зборот „балканизација“ се идентификувал со односи меѓу примитивни држави. Но, старомодните сфаќања доведоа до големи ново-модни проблеми. Некои директно задираат во идентитет на еден друг народ. Па затоа двајцата премиери се приморани внимателно да пристапуваат кон нив. Оттука тактиката, прашањата да се отворат од помалите кон поголемите, е добра стратегија. Kако што вели премиерот Ковачевски: ,,Јaс и премиерот Петков сметаме дека процесот треба да се води инклузивно од надолу кон горе“ и дека „треба да градиме мостови а не ѕидови“.
Тоа значи да се преговара за транспортот, економијата, културата, безбедноста – полиња кои реално многу се порелевантни од наметнатите старомодни прашања. Се очекува експертските тимови да создадат некакви видливи резултати до крајот на француското претседателство во јули годинава. А за историската комисија, нема краен рок и таа ќе треба да продолжи да работи во текот на пристапниот процес. Со тоа на некој начин ќе се премостат прашањата што создаваат националистичка врева во двете општества кои продолжуваат во име на „светлото“ минато да создадат темна иднина, за потоа да се давиме во плитки води.
Со испраќање нота до ОН, преговорачите практично ја менуваат и преговарачката методологија во насока, на спорните прашања да им пристапуваат поеднинечно. Факт е, дека двајцата премиери внесоа нова енергија во билатералните односи и надеж дека спорот ќе биде решен.
За време на посетата на Петков во Скопје, беше договорено нашата влада да испрати нота до ОН, во која се објаснува дека краткото име Северна Македонија не вклучува територијални претензии кон географската област Македонија која се наоѓа во Бугарија. Иако имаше критики поради тоа, оти реално територијата пред ОН е дефинирана со Преспанскиот договор, мислам дека нема ништо штетно во тоа. Напротив, тоа кај јавноста од двете страни ќе создаде перцепција дека проблемите почнаа да се решаваат, и дека се потребни наредни чекори. Треба да разбереме дека и на сегашниот бугарски премиер, не му е толку лесно, не толку пред бугарската опозиција, колку што пред самата негова коалиција!
Во однос на јазикот, на македонската страна му оди во полза, тоа што во ОН веќе е евидентиран јазикот, а ако биде потребно нешто како за внатрешна потреба, не би требало да биде проблем некоја внатрешна клаузула или фуснота. Конструктивниот бугарски нов премиер Петков, вешто проблемот како приоритет го фокусира кон тоа Бугарите да бидат вметнати во Уставот на државата. А во нашиот Устав веќе се наброени повеќе етнички заедници, па не би требало да биде проблем и некои други заедници, вклучително и бугарската, хрватската, црногорската итн. Инсистирањето на реципроцитет во овај момент само може да го сруши процесот, а веројатно понатаму секој проблем ќе треба да се решава во свое време. Секако дека со промените во школските учебници поимот „бугарска фашистичка окупација“ би требало да добие европски дух.
Многу е важно што сега многумина влијателни луѓе во Бугарија, јавно излегуваат и кажуваат дека политиката на уцени, не само што ги одалечува уште повеќе овдешните народи, туку и ја деградира Бугарија пред меѓународната јавност. Политиката на барање љубов со уцени и сила е силување. За жал, минатата бугарска власт со умот на еден евтин политичар се нафати да сади тикви со ѓаволот. Така е, кога една будала ќе фрли голема карпа во бунар, потоа сто паметни да не можат да го извлечат. За жал, сега повеќето истражувања велат дека над 50% од Македонците, во својот источен сосед гледаат како на непријателска земја. Тоа е многу штетно. Познатиот професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, Ивајло Дичев, вели дека не постои рационално објаснување за бугарското вето за отворањето пристапни преговори на Северна Македонија. Она што Бугарија се расправа со Македонија е без преседан во меѓународните односи. Оттука, и потребата за релаксација. Конференцијата на АУЕ-ФОН е стартирање во таа насока.
Оптимистички звучи изјавата на Петков: „Да ја оставиме Северна Македонија на патот кон Европа, а тоа е процес од околу 15 години, и дека зачленувњето е долг процес на отворање и затворење цели 27 поглавја“.
Но, едни постапки, вклучително и тие во парламентот на државата не одат во прилог на поддршката на позитивниот процес, туку на неговото рушење за дневопополитички потреби. Алчни луѓе, сеуште сакаат газејќи по судбината на луѓето, да постигнат некои нивни лични агенди и интереси, иако мали им се шансите за да дојдат до нивни големи шанси. Не би требало да се дозволи нашите деца да ја имаат судбината на детето на таа алчна жена од древна Индија, која го „заборави“ детето во пештерата.
Украина е во полза
Во моментот над Европа се вртат црни облаци. Шансите да се случи најлошото не се исклучува, но во најмала рака повеќе има шанси моќниците со ваква „опасна парада“ да претендираат поголемо светско факторизирање, да контролираат енергетски коридори, да ги решаваат сопстените замрзнати проблеми (запирањето НАТО да се прошири кон исток, Крим, Јужна Осетија, Абхазија итн.). Но, како среќа во некоја големата несреќа, тоа оди во полза на полесно решавање проблемите што ги има Македонија со Бугарија. При такви сериозни регионални безбедносни проблеми, моќниците не се баш индиферентни за да дозволат мали искри во соседството.
Исто така мора да разбереме дека големи проблеми не ни се случуваат само нам. Проблемот е во тоа што ние со години наместо проблемите да ги решаваме на самиот почеток, ние често од инает или злонамерно дозволуваме да се мултиплицираат! Со копитото на Букефал можеш да прегазиш само свои луѓе. Често мислиме дека само над нас небото се руши!? И најсилните држави имаат големи проблеми, но имаат воспоставен проблем како да ги решаваат. На пример, Кина сто години толерираше странска присутност над својата територија (Хонконг и Макао, па и Тајван). Велика Британија имаше повеќе од 80 години тешки проблеми за Северна Ирска (десетина илјади жртви само во Белфаст)! Франција уште има проблеми со Корзика, Шпанија со Каталонија и Баскија, Русија со Украина и со бројни околни држави од бившиот СССР. Дури и САД не знаат што да праваат со Порторико! Дури и во нашето соседство – Грција и Турција за Кипар, Србија, Косово, Хрватска и Словенија за Пиранскиот залив, Албанија и Грција за територијалното море, итн.
Треба да престанеме да бидеме робови на заробен ум, гледајќи назад кон минатото газејќи ја иднината напред. Понекогаш знаеме да се преправаме, па на луѓето како да им ги бркаме мувите, а реално им ги пуштаме осите! Недговорност е опасно оружје за самоуништување! Мора да сфатиме дека таму каде што алчноста слетува, нормалното излетува. За лоши работи има илјади патишта, ама за добри работи има само еден пат. Тоа не е алчноста.