Украина очекува поддршка од Северна Македонија во нејзините напори да ја спречи Русија

Сподели

 

Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Наталија Задорожњук, говорејќи за конфликтот меѓу Украина и Русија, рече дека не би било претерување да се каже дека денеска се решава судбината на меѓународниот правен поредок. Во својот говор на панел дискусијата на тема „Украинско – руската криза и Северна Македонија“, таа истакна дека или ќе живееме во релативно стабилен свет со јасни правила на игра за секоја држава, без исклучок, во согласност со основните меѓународни правила на правото, или постојниот систем ќе биде целосно уништен. Според неа, ова прашање ги засега сите земји, вклучително и Северна Македонија, пишува Порталб.мк.

„Прашањата не се однесуваат толку на односите меѓу Русија и Украина, туку за сите земји, вклучително и за пријателска Северна Македонија. Или сите сме на страната на силата на правото или ќе победи авторитарната Русија со своето право на сила. Конкретно, руско – украинскиот конфликт, секогаш е тешко со соседите, но цивилизираните земји споровите ги решаваат на цивилизиран начин. Не можам да замислам некој сосед на Македонија во 21 век да дојде кај вас и да украде дел од територија убивајќи 15.000 луѓе. И сето тоа само поради фактот што вашата земја сака сама да ја избере својата иднина“, рече Задорожњук.

 

Амбасадорката на Украина во Скопје, Наталија Задорожњук; Фото: Амбасада на Украина во Скопје

 

Таа рече дека заедно со сојузниците формулирале три насоки за спречување на Русија: дипломатско – политички, економски санкции и воено – технички. Политичката насока е солидаризирање со Украина, економската е зајакнувањето на политичките санкции кои ја прават Русија многу послаба, додека третата е воената помош, обезбедувањето одбранбено оружје.

„Во таа насока очекуваме и јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателска Северна Македонија. Очекуваме приклучување кон санкциите на Европската Унија. Не може да се седи на две столчиња. Има моменти во животот кога треба сам да се одлучиш, пред сè, на која страна од барикадата си. Украинците имаат многу убедливо негативно искуство со неутралноста. Ако одиме во Европската Унија и НАТО, ако сме дел од европските вредности, тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови, туку и со нашите постапки и дела“, рече украинската амбасадорка.

На панел дискусијата учествуваа и експерти од областа. Аналитичарот Александар Николиќ Писарев во својот говор изрази загриженост за дезинформациите и пропагандата на руското влијание.

„Руското влијание е секогаш силно присутно во Македонија, го имавме во серијата парламентарни избори итн., особено на референдумот во 2018. Сепак, многу е важно да се формира многу силна коалиција против нив“, рече Писарев.

Росана Алексоска од организацијата МОСТ рече дека најголем дел од наративите на дезинформирање кои се насочени против запад, САД, ЕУ или НАТО, истовремено директно или индиректно значат промоција или величање на Русија.

„Најчесто се користат, но и злоупотребуваат низа фактори, како што се наследството од комунизмот или социјализмот, словенското потекло и религијата и транспарентноста на демократските општества. Во општествата каде живее православно население, Русија, по правило, промовира наративи за словенскиот идентитет и православието, преку различни видови медиуми, академски кругови, интелектуалци и разни организации, црквата, културата, политичари и одредени политички партии. Во нашиот случај, на Балканот, но и во делот на Централна Европа, Русија ги ориентира граѓаните кон концептот на заеднички вредности на словенските и православните браќа и на тој начин, како да го монополизира овој концепт и нормално, овој наратив се засилува со наративот дека ние како народи немаме ништо заедничко со западниот свет, што апсолутно не е точно. Тоа придонесува за да се добијат погрешни перцепции кон нашите западни сојузници, но во нашето мултиетничко општество и држава носи раздор и поделеност“, нагласи Алексоска.

Спорот меѓу Русија и Украина започна кон крајот на 2013 година и кулминираше со воена агресија и анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година од страна на Русија. Оваа земја исто така ги поддржува бунтовниците во конфликтот во источна Украина, во кој загинаа околу 14.000 луѓе.

meta.mk