Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на завршната конференција на проектот „Информации против Дезинформации: Градење на отпорност кон дезинформациски практики во пост-ковид опкружување во Северна Македонија“, во организација на Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија, поддржан од Секторот за јавна дипломатија на НАТО.
Претседателот Пендаровски оцени дека како конзументи на огромен број информации што брзо се појавуваат во нашето секојдневие, немаме ниту време, ниту можност да процениме дали содржината што ја читаме е проверена и точна или е можеби дезинформација која свесно или несвесно погрешно ја информира јавноста, а со тоа, како што рече поткопува некои од темелите на демократијата како систем.
Од сите досегашни истражувања на темата, според претседателот Пендаровски, се потврдува дека дезинформациите најчесто не се наивни и случајни, туку се производ на еден планиран и организиран пристап кон одредена тема.
Намерите, според претседателот Пендаровски, најчесто се на долг рок и систематски да се манипулира јавноста со пласирање на погрешни информации, полувистини, извртени факти, или комплетно фабрикувани вести, со крајна цел, да послужи на интересите и целите на одредени државни и недржавни ентитети кои имаат свои, специфични агенди.
Според претседателот Пендаровски, зајакнувањето на отпорноста кон дезинформациите е комплексна задача, затоа што, како што оцени, треба да изградиме системска, но и лична отпорност кон нив. Тоа, според претседателот, можеме да го постигнеме само преку блиска соработка меѓу државните институции, образованието, граѓанските организации и медиумите.
„Државните институции го прават својот дел од работата за превенирање или намалување на штетите од дезинформациите и хибридните активности врз политичкиот систем, особено сега користејќи ги механизмите кои ни стојат на располагање и како членка на НАТО, но, како општество имаме потреба и од повисоко ниво на медиумска писменост и едуцирање за дезинформациите во нашите основни и средни училишта“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски посочи и на потребата за подобри услови за професионално и независно работење на медиумите што подразбира имплементација на најдобрите европски практики во областа. Исто така, според претседателот Пендаровски, потребно е поддршка и за саморегулаторните механизми во медиумската сфера, и особено, на платформите за проверка на фактите.
„Колку повеќе ги сузбиваме дезинформациите, толку повеќе придонесуваме за објективна дебата за сите прашања, и со тоа, ја јакнеме демократијата како политички систем кој е во најдобар интерес на нашите граѓани“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.